10 КАНДИДАТИ ЌЕ УЧАТ ЗА ПИЛОТИ Агенцијата за цивилно воздухопловство најави повик и за напредни обуки
Уверенија за кандидати за приватен пилот на авион PPL-A SEP land добија седум лица, за пилот на ултралесни воздухоплови (ULPL) две лица, а за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL) едно.
Десет лица ќе се стекнат со дозвола од областа на летечките операции со обука кофинансирана од државата преку Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ). Уверенијата на кандидатите денеска им ги врачија вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и директорот на АЦВ Драги Стојаноски.
Агенцијата на 1 јули објави јавен повик за кофинансирање до 50 проценти на обуки за 27 лица, по што следуваше тестирање на кандидатите. Уверенија за кандидати за приватен пилот на авион PPL-A SEP land добија седум лица, за пилот на ултралесни воздухоплови (ULPL) две лица, а за пилот на едрилица по програма со аерозапрега (SPL) едно.
Министерот Николоски и директорот Стојановски изјавија дека обуките се во насока на надминување на состојбата со сериозен недостиг на воздухопловен персонал. Станува збор за основни обуки, а Агенцијата најави повик и за напредни обуки со што, како што изјави Николоски, би се произвел воздухопловен кадар што ќе се вклучи и во државните ресурси и во приватниот сектор.
– Продолжуваме со поддршката, процесот е отворен и транспарентен, се надевам дека на идниот повик ќе има уште поголем интерес – изјави Николоски.
Дел од обуките се основа за натамошен професионален развој и градење професионална пилотска кариера, а дел се од областа на воздухопловно спортски активности како стимул за досегашните високи резултати постигнати од поединци, тимови и репрезентацијата на европски и светски натпревари. Целта на проектот, посочуваат, е и да ги раздвижи и обнови активностите во аеро клубовите и спортските аеродроми кои соочувајќи се со финансиски проблеми, нерешени имотно-правни односи, без помош од државата – полека замираат, а кои во минатото беа основата за создавање персонал кој подоцна го користеле и Министерството за одбрана, воздухопловните единици на МВР, СОЗР, ДЗС – пилоти на АТ 802А Fire Boss, како и Агенцијата за цивилно воздухопловство.