ФИЛИПЧЕ БАРА ПОМОШ ОД РОКАС И ОД ЕВРОПСКАТА УНИЈА Бара да му кажеле дали уставните измени се предавство или не се

Предавнички ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Ни треба помош од вас. Нам ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европската Унија ѝ треба помош - рече Филипче ан седницата на Националниот совет.

0

Лидерот на СДСМ Венко Филипче побара вчера помош од евроамбасадорот Михалис Рокас и од Европската Унија во борба со, како што ја нарече, антиевропската пропаганда што се шири во Македонија, вклучително и преку медиуми поврзани со Србија и со Унгарија, поради што, според него, европската интеграција во јавноста сè почесто се претставува како предавство, вклучително и уставните измени.

– Како што гледате, никој повеќе не зборува за Европа. Никој. Сите се внимателни. Јас и СДСМ сè уште трпиме удари. Зошто никој не зборува за Европа? Па затоа што синоним за Европа стана предавство, благодарение на оваа пропаганда. Тоа стана Европа. Љуѓето мислат, чекај, да не зборувам, ќе ме направат предавник, ќе речат дека виткам кичма – рече Филипче на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на која се разгледуваше последниот извештај на Европската комисија за земјава.






Филипче рече дека таквиот антиевропски наратив ја турка земјата кон изолација. Во говорот тој побара помош од евроамбасадорот Михалис Рокас, повикувајќи се на пораката на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека Македонија е добредојдена во ЕУ со својот идентитет и јазик. Според него, таквата порака ги демантира обвинувањата на власта дека претходната влада на СДСМ водела предавничка политика.

– Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 2024 година, туку и претходно, дека сè што направил СДСМ е предавничка политика, со тоа практично паѓа во вода? Предавнички ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Ни треба помош од вас. Нам ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европската Унија ѝ треба помош – рече Филипче.

Поради постојаните обвинувања и пропагандата, додаде тој, јавните личности и политичарите се воздржуваат отворено да зборуваат за евроинтеграциите.

– Затоа што благодарение на пропагандата, со која СДСМ, сите ние од претходниот состав, претходната влада, и натаму сме обвинувани од страна на Христијан Мицкоски и целата сегашна владејачка гарнитура дека сме носеле предавнички политики, дека сме биле сервилни или со свиткана кичма, како што е богатиот вокабулар на Христијан. Индиректно, и вас ве обвинува, и Европската Унија ја обвинува дека на некој начин уценува земја кандидат за членство во Европската Унија со нешто што бара отстапка. Така ли е или не е така? Затоа што имаме работа со силна пропаганда тука, која сè ќе претстави како предавство. На крај ќе нè убеди дека е добро да бидеме некоја руска провинција, да копаме руда и дека тоа ќе биде добро за сите нас, за мали пари. Во тоа ќе нè убеди пропагандата преку силните медиуми на Орбан и на Вучиќ – рече Филипче.

Осврнувајќи се на Преспанскиот договор, Филипче рече дека власта има различен однос кон него пред домашната и пред меѓународната јавност. Според него, премиерот Христијан Мицкоски во странство го признава значењето на договорот за потврдување на македонскиот идентитет, иако претходно јавно го оспорувал.

– Преспанскиот договор за него беше предавство. Претседателката ќе го враќаше старото уставно име, за време на кампањата никогаш немаше да го користи и така натаму. Сега ‘северна‘ секаде ја користи, на сите меѓународни состаноци, а тука дома ни ‘С’ од ‘северна’. Христијан Мицкоски исто така велеше: ‘Додека сум јас во ВМРО, за мене Преспанскиот договор не е завршена работа‘. Пред три дена го слушаме во Германија, или каде беше, на некоја средба, како го потврдува идентитетот преку Преспанскиот договор, а јазикот е потврден во Обединетите нации. Е па, тоа се двојни стандарди, еден говор за во странство, друг за дома. Затоа тонеме во изолација и во сиромаштија, затоа останавме и без младина и без пари и затоа ќе одиме во провалија со овој начин. Нема да има назад – рече Филипче.

На крајот тој повторно го повика евроамбасадорот Михалис Рокас да помогне во разјаснувањето на прашањето дали уставните измени претставуваат предавство или станува збор за, како што рече, лажна кампања со која земјата се држи во изолација.

Според него, Македонија ризикува да ја пропушти можноста за напредок кон ЕУ, додека другите земји од регионот продолжуваат со евроинтеграциите.

– Додека целиот регион оди напред, ние гледаме како го пропуштаме можеби и последниот воз кон земјите за кои е јасно дека ќе станат членки на Европската Унија. По 25 години стагнација во делот на проширувањето, заклучно со 2030 година – рече Филипче на крајот од излагањето.

Поврзани содржини