ЈУЖНА КОРЕЈА ПОДИГНА БОРБЕНИ АВИОНИ Руски авиони се доближија до нејзиниот воздушен простор

Локалните власти дополнително ја зголемија забуната со погрешна информација дека станува збор за севернокорејски авион.

56

Неколку руски воени авиони утринава навлегле во јужнокорејската зона за воздушна идентификација над Источното Море и се приближиле до островот Улеунгдо, поради што Јужна Кореја ги подигнала своите борбени авиони Ф-15К. Според Генералштабот на јужнокорејската армија, руските летала се приближиле до самиот раб на суверениот воздушен простор на земјата, но не ја преминале неговата граница.

Станувало збор за пет руски воени авиони, кои биле забележани уште пред да влезат во зоната за воздушна идентификација. Јужнокорејските воздухопловни сили испратиле борбени авиони за да ги следат и да изведат тактички маневри во случај на потреба од интервенција. Руските авиони потоа се свртеле кон Јапонија и ја напуштиле зоната, а во неа се задржале околу 20 минути.






– Руските воени авиони се приближија до самиот раб на нарушување на нашиот суверен воздушен простор над островот Улеунгдо. Бидејќи постоеше непосредна опасност од навлегување, превентивно издадовме предупредување за да ја заштитиме безбедноста на населението – изјави портпаролот на Генералштабот, капетанот Џанг До-јонг.

Јужнокорејското Министерство за одбрана најави официјален протест до Москва. Воениот аташе на руската амбасада во Сеул бил повикан во Министерството, а јужнокорејското Министерство за надворешни работи соопшти дека преку дипломатски канали изразило протест и побарало мерки за да не се повторат вакви инциденти.

Зоната за воздушна идентификација, позната како КАДИЗ, не е исто што и националниот воздушен простор и не претставува забранета зона за прелетување. Станува збор за пошироко подрачје надвор од државните граници, во кое странските авиони треба однапред да се идентификуваат и да ги пријават своите летови, за војската да може навреме да ги следи и да спречи можни инциденти. Русија и Кина не ја признаваат јурисдикцијата на Јужна Кореја над оваа зона, со образложение дека нејзиното еднострано воспоставување нема основа во меѓународното право. Поради тоа, нивните воени авиони повеќепати влегуваат во КАДИЗ без претходна најава. Според јужнокорејските податоци, само годинава се регистрирани пет вакви влегувања на руски воени авиони. Сличен инцидент имало и минатата недела, а во јуни речиси десет руски и кинески воени авиони заеднички влегле во зоната, по што Сеул протестирал кај двете земји.

Инцидентот утринава предизвикал и забуна меѓу жителите на Улеунгдо, откако во 7:52 часот по локално време добиле итно предупредување да се засолнат во подземни објекти или во згради поради наводно нарушување на воздушниот простор од руски авион. Предупредувањето било повлечено само три минути подоцна, откако војската соопштила дека опасноста поминала и дека руските авиони се оддалечиле.

Дополнителна забуна предизвикала регионалната власт во провинцијата Северен Ѓонсанг, која во својата порака за повлекување на предупредувањето погрешно навела дека станува збор за сомнително севернокорејско летало. Локалните власти подоцна објасниле дека по грешка употребиле однапред подготвен образец за редовни вежби, во кој се споменувале севернокорејски авиони, менувајќи го само времето на испраќање. Исправка била испратена дури околу 40 минути подоцна, со објаснување дека леталата биле руски. Јужнокорејската војска потврди дека немало нарушување на суверениот воздушен простор на земјата.

Поврзани содржини