ЗРЕЛО Е ДА СЕ СЕДНЕ НА ЛИДЕРСКА СРЕДБА ЗА ДАТУМОТ НА ИЗБОРИ Мицкоски вели, ако не сака да ја организира власта може да ја организира спикерот Џафери
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ очекува разумно однесување, за да не влезе во уставна криза земјата.
Ние за неколку месеци од денеска ќе имаме исклучително два значајни изборни процеси. Едниот се претседателските избори, прв и втор круг, а вториот се парламентарните избори. Мислам дека на неколку месеци пред тие изборни циклуси да нема никаква активност е навистина неодговорно и тоа за првпат можеби се случува на македонската политичка сцена и затоа јас излегов со предлог идеа за лидерска средба, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
– Ги слушнав одговорите од официјалните лица, од Артан Груби и Димитар Ковачевски за тоа што мислат тие за тоа, но еве да бидам попрецизен, кога зборувам за лидерска средба мислам на лидерска средба во формат во којшто ние ќе разговараме за датуми за избори бидејќи можеме да влеземе во уставна криза и потоа процесите да бидат уставно предизвикани, а да бидам попрецизен да бидат и неуставни – рече Мицкоски денеска во Велес.
Тој додаде дека бидејќи луѓето од власта често ги спомнуваат институциите една ваква лидерска средба може да биде организирана и од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
– Затоа ценам дека на неколку месеци пред избори добро е да се седне на една лидерска средба каде што ќе има претставници од владата, претставници од опозицијата. Еве бидејќи ги спомнуваат институциите ќе им дадам еден предлог. Нека биде организатор Талат Џафери, нека биде тоа и во Парламентот, и таму ќе дојдам да разговараме за можните датуми за избори бидејќи во меѓувреме треба и сите ние да сме свесни дека два големи верски празници како што е рамазан и Велигден, а на тие празници им претходат и постови, така што мора да го подготвиме амбиентот за да имаме навистина еден фер изборен процес – потенцираше Мицкоски.
Тој оддаде дека очекува разумно однесување.
– Јас очекувам разум, очекувам одговорност барем еднаш и стојам на располагање и ние како коалиција на ВМРО-ДПМНЕ стоиме на располагање за една таква средба – рече Мицкоски.