ЗОШТО ЗАЕВ ЛИЧНО СЕ РАСПРАШУВАЛ ЗА ЗАПЛЕНЕТАТА ДРОГА? Колкав ќар очекувал експремиерот, Обвинителството да одговори со истрага
Каква е улогата на Вице Заев во овој случај, праша денеска пратникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
Над две третини од 27 тони запленета дрога е од фирма на кадар на СДСМ, соработник на Зоран Заев, рече денеска пратникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.
– Фирмата „CBD Medplant“ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев викан М’гчев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДСМ и близок по бизнис со Вице Заев и Гидан Колев, во периодот од 30.6.2025 година до 11.2025 година, има испорачано 19 тони марихуана према скопската фабрика, по документ испорачана количина. Дополнително, утринава од струмичката фирма се изнесени 21 тон дрога – рече Петрушевски.
Станува збор за фирма која добива одобрение од владата на Зоран Заев и Венко Филипче, за одгледување марихуана за медицински цели во 2020 година, додаде тој.
– Патем, уште во 2020 година, укажувавме дека лиценците за одгледување на марихуана за медицински цели се добиваат исклучиво по блискоста со СДСМ, односно во тоа време со Зоран Заев, Вице Заев и со Венко Филипче. Тогаш, владата на Заев и Филипче додели лиценци на 2 фирми, „Еко Енерџи-Космос“ од Ново Село и „Лајтинг Лукс“ од Струмица, во сопственост на синот на Боро Малборо и Христијан Котев погоре споменатиот – рече Петрушевски.
По овие сомнежи и индиции за поврзаност на СДСМ, Заев и Филипче, додаде тој, бараме ЈО да го истражи случајот и бараме одговори за случајот со запленетата дрога.
– Дали има вмешаност од страна на Заеви? Зошто Заев лично се јавувал на телефони во Царинската управа и се интересирал за овој случај? Каква е улогата на Вице Заев во овој случај? Колкава сума од овој случај сакал да заработи Зоран Заев – праша Петрушевски.
Струмичкиот наркокартел се однесувал како во времето на Пабло Ескобар во Колумбија, додаде Петрушевски.
– Но и на тој наркокартел му дошол крајот, така ќе му дојде крајот и на овој таканаречен наркокартел во Струмичко. Вистината излегува на виделина – рече Петрушевски.