ЗОШТО ЗАЕВ И ФИЛИПЧЕ ОВОЗМОЖИЈА ОДГЛЕДУВАЊЕ КАНАБИС НА НИВА? Потребна е темелна институционална истрага
Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Во 2023 година, Владата предводена од СДСМ извршила измени на Правилникот за одгледување канабис за медицински цели, кои се косат со важечкиот закон што ја регулира оваа област, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Со измените во член 2 од правилникот е предвидено канабисот да може да се одгледува и на отворен простор (површина или земјиште), иако во законот и во претходната верзија на правилникот беше утврдено дека одгледувањето за медицински цели се врши исклучиво во затворен простор. СДСМ и Зоран Заев со ваквиот подзаконски акт овозможиле производство на канабис на нива, што отвора сериозни дилеми во однос на исполнувањето на ГМП стандардите. Доколку не се исполнети овие норми, финалниот производ, маслото од канабис, не би можел да биде соодветно лиценциран ниту пласиран во промет за потребите на пациентите“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Владата на СДСМ на чело со Заев и Венко Филипче свесно и намерно го сменила правилникот, се додава во соопштението.
„Владата на СДСМ намерно го сменила правилникот со оглед на тоа дека претходните политики и јавни заложби на СДСМ, Зоран Заев и Венко Филипче, беа проширување и легализација на пазарот на канабис. Во 2020 година СДСМ на чело со Заев и Филипче имаа иницијатива за поширока легализација на марихуаната, како и за значителното зголемување на бројот на издадени лиценци за медицински канабис, особено во струмичкиот регион. Сомнежите и индициите за злоупотреба на производството на канабис и криминалот со дрогата дополнително се зголемија по заплената на голема количина марихуана од компанија во Ново Село, поврзана со лице блиско на СДСМ и Заеви“, се вели во соопштението.
Зошто Заев и Филипче дозволиле одгледување на канабис на отворено спротивно на закон, кои им биле мотивите и колку профитирале, прашува ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали измените на правилникот се донесени по конкретна насока од Заев и дали со нив се отворил простор за можни злоупотреби и незаконска трговија? Потребни се ред, одговорност и темелна институционална истрага. Надлежните органи треба целосно да ги испитаат сите наводи и сомнежи“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.