ЗОШТО ВОВЕДОВМЕ ВИЗИ ЗА КУБА И ЗА БОЦВАНА? Левица остро ја критикува одлуката на Владата

Владината одлука за визи кон Куба и Боцвана е уште еден показател за нејзината вазалска позиција кон „камшикарите“ од Запад, тврди партијата Левица.

395

Надворешната политика на Македонија целосно ја има изгубено својата сувереност. Ова го потврдува и одлуката на македонското МНР да воведе визи за земји како Куба и Боцвана, тврди партијата Левица.

„Ваквата одлука на нашето МНР, без апсолутно никаква причина и образложение, да воведе визен режим на земји кои никогаш во својата историја немат водено штетна политика кон Македонија, е навистина сулуда. Особено што станува збор за држави кои безрезервно ја признаваа државата под нејзиното уставно име, почитувајќи го правото на самоопределување на македонскиот народ и неговиот суверенитет над својата држава“, се вели во соопштението на партијата.






Османи потврди дека владата, на предлог на Министерството за надворешни работи, ја донела оваа одлука во контекст на усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ „и уште еднаш го покажа протекторатското и вазалско однесување на власта кон колективниот Запад, кој пак премолчно ги храбри државите како Грција и Бугарија, во нивните негаторски политики кон Македонија и кон македонскиот народ“, вели Левица.

Оваа партија најстрого ја осудува ваквата, како шти вели, срамна одлука на владата предводена од СДСМ и ДУИ, чија единствена цел во нивното водење на надворешната политика, очигледно е само тоа да бидат допадливи и максимално понизни кон нивните „камшикари”.

Поврзани содржини