ЗОШТО ВЛАДАТА ГО ПОВЛЕЧЕ ЗАКОНОТ ЗА ПРОМЕНА НА ПОЛОТ? Поради пресуда во Стразбур сигурно не!

Нема шанси да има вистина во приказната што синоќа ја раскажа вицепремиерот Артан Груби за тоа дека против Македонија има пресуда од Судот за човекови права во Стразбур. Дури да е така, сигурен сум дека вицепремиерот не дознал за пресудата непосредно пред да влезе во емисија во ТВ21, смета пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

1,698

Не држи вода изговорот дека владата го повлекува предлог-законот за менување на полот со изјава на нотар поради тоа што еден наш граѓанин добил судски спор во Судот за човекови права во Стразбур. Ваквата изјава на првиот вицепремиер Артан Груби е само правдање откако власта забележала дека и во коалицијата и во јавноста има преголеми забелешки и неусогласеност. Оти, ако има пресуда од Судот во Стразбур, тогаш таа пресуда мора да е уште пред шест месеци, пред една година или од пред неколку години. Кога некој граѓанин ја тужи Македонија во Стразбур, повереникот кој е назначен од Министерството за правда е должен веднаш да информира за пресудата.

Ова во разговор за Плусинфо го вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, кој тврди дека приказната за пресудата од Стразбур е измислена приказна.






Не постои взаемна усогласеност за тоа што точно треба да содржи овој закон. Сите пратеници од опозицијата гласаа за да се симне предлог-законот од дневен ред, а кон нив се приклучија и еден пратеник од Алтернатива и еден пратеник од Турската демократска партија.

Антонио Милошоски Пратеник, ВМРО-ДПМНЕ

– Нема шанси да има вистина во приказната што синоќа ја раскажа вицепремиерот Артан Груби за тоа дека против Македонија има пресуда од Судот за човекови права во Стразбур. Дури да е така, сигурен сум дека вицепремиерот не дознал за пресудата непосредно пред да влезе во емисија во ТВ21. Тој морал да знае за пресудата неколку месеци наназад. Дефинитивно се работи за најобичен изговор, односно за обид како да се упати спин во јавноста, бидејќи и самиот Груби го знаеше исходот од денешната Комисија за политички систем – објаснува Милошоски.

Тој вели дека предлог-законот за матична евиденција не бил доволно усогласен, а тоа се гледало и по самото гласање на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на којашто и пратениците од владејачката коалиција гласале за да се тргне од дневен ред.

– И во други земји-членки на Европската Унија има закони кои им дозволуваат на луѓето да го променат својот пол, ама тоа не е европска регулатива. Една норма си има Полска, друга норма си има Малта, трета норма има Шведска, четврта норма има Португалија. Нема усогласеност, а европска регулатива е ако секаде важат истите правила. Токму затоа предлог-законот за матична евиденција не може да биде со европско знаменце. И таму каде што има вакви закони, постојат многу сериозни процедури. Колку што сум јас запознаен со работите, пред да му се овозможи на човек да го смени полот, потребно е да посети ендокринолог, да прима хормонска терапија и задолжително да посетува психолог. Тоа е процедура за да се избегнат злоупотреби на законското решение. Оти вака, со изјава на нотар, денеска си маж, утре даваш изјава на нотар, а задутре играш за женската фудбалска репрезентација. Нема логика. Законот е многу површен и паушален. Всушност, недостатоците на законското решение излегоа на виделина и за време на Комисијата за политички систем, на којашто и пратениците од власта гласаа за да се симне предлог-законот од дневен ред. Едноставно, не постои взаемна усогласеност за тоа што точно треба да содржи овој закон. Сите пратеници од опозицијата гласаа за да се симне предлог-законот од дневен ред, а кон нив се приклучија и еден пратеник од Алтернатива и еден пратеник од Турската демократска партија. Сите други пратеници од власта беа воздржани – објаснува Милошоски.

Неговата сопартијка и колешка, Иванка Василевска, пак, бара од СДСМ да ја соопштат вистинската причина за повлекување на предлог-законот за матична евиденција.

– Со вчерашната најава дека овој предлог-закон ќе биде повлечен, владата уште еднаш демонстира неединство помеѓу коалициските партии во власта. Па затоа прашувам: На какви нозе стои тесното парламентарно мнозинство? Како и во многу наврати досега, владата го злоупотреби европското знаменце бидејќи и овој Закон беше испратен со европското знаменце до Собранието, иако не се повикуваше на никаква европска легислатива, со што дополнително го загрози угледот на македонската држава во меѓународните организации. Бараме од СДСМ да одговорат на прашањето која е вистинската причина за повлекувањето на овој скандалозен закон и дали истиот закон имаше владина поддршка од сите политички партии кои се дел од власта? До кога ќе бидеме заложници на социјални експерименти кои го уништуваат и духовно и ментално цивилизираниот општествен поредок? – прашува пратеничката Василевска.

Став за ова прашање побаравме и од портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски, кој образложи зошто Владата го повлекла предлог-законот за матична евиденција.

– Владата го повлече предлог-законот затоа што тој треба да се доработи и да се усогласи со одредени регулативи. И Владата има свое образложение и во текот на денот ќе испрати соопштение до јавноста во кое ќе биде наведена точната причина за повлекување на предлог-законот. Во поглед на расположението кај коалициските партнери и нивниот став околу ваквото законско решение, засега можам да кажам дека сѐ уште не сме разговарале на оваа тема и дека ќе разговараме кога ќе дојде време. Односно, кога предлог-законот ќе биде доработен и ќе биде онака како што треба да биде, тогаш сериозно ќе разговараме и ќе дебатираме со дел од политичките партии од владејачката коалиција – ни изјави Каевски.

Инаку, дека не постои расположение за да се изгласа ваков закон се забележа и во текот на минатата недела кога пратениците од владината коалиција, но и од опозицијата, јасно дадоа до знаење дека се против предлог-законот на Владата.

Предлогот на Владата предвидуваше правно признавање на родот со постапка во која поединец може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и така да се признае родовиот идентитет. Постапката предвидуваше само поднесување барање до Управата за водење матични книги без доставување докази за хируршката процедура за промена на полот. Барањето за правно признавање на родот се поднесува на образец, чија форма, содржина и начин на негово издавање ги пропишува министерот за правда. Притоа, кон барањето се доставува копија од лична карта на барателот за правно признавање на родот, пишува во предлог-законот.

Поврзани содржини