Зошто Трамп ја напаѓа Европа и ја нормализира Русија

Европската Унија е единствената пречка за империјалните цели на Трамп, па дури и на Маск. Од тие причини и Трамп има намера да го депотенцира НАТО и да го врати на чисто одбранбен сојуз. Трамп свесно ги прифаќа и присвојува тезите на Путин, вклучувајќи ја и онаа дека ветувањето за влез на Киев во НАТО е причина за војната, со цел да им сигнализира на Русите дека ги смета за легитимни нивните безбедносни интереси.

1,827

Една стара поговорка на Ленин гласи: „Има децении кога ништо не се случува и постојат недели кога децении се случуваат“.

Како поинаку да се објасни шок-терапијата на помалку од еден месец од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа и неговата нова политика на помирување и директен дијалог со Москва?! Во една недела видовме сѐ, почнувајќи од најавата за нов светски поредок, бруталното предупредување и мешање во европската политика на потпретседателот Венс и рушењето на либералниот поредок, барањата за речиси „воени репарации“ од Украина, шокот за Европа и за Киев и нивното изоставање од преговарачката маса, до суровото обвинување на Трамп дека Зеленски бил диктатор и префрлувањето врз нападнатата земја дека таа всушност е виновна за руската агресија.






Но, можеби најголемиот шок е резервиран за „заспаната“ Европа, која одеднаш се најде на удар од најблискиот сојузник. Европа е под напад и е жртва на една концентрична агресија на повеќе полиња: политичка, економска, културна, а утре можеби и воена. Напад кој доаѓа од срцето на Западот, од најстарата демократија, од лидерот кој 80 години беше светилникот на слободата и демократијата – Америка!

Од Минхен до Минхен, помирувачката политика на Трамп кон Путин го прави некогашниот британски премиер Невил Чемберлејн да личи на храбар реалист со здрави принципи, ќе забележи Тимоти Гартон Еш. Чемберлејн барем се обидуваше да го спречи избивањето на голема европска војна, додека Трамп од своја страна одбира вака да делува за време на голема војна.

Но, како што најчесто се случува, и зад најлудите и најбрутални потези, секогаш постои некаква логика. Доналд Трамп е решен да затвори една војна која Америка никогаш немаше намера да ја добие. Оттука, Трамп ги користи поделбата на Украина и дистанцирањето од Европа како средство за нормализација на односите со Русија. Конечната цел на Трамповата геополитичка револуција, која пак ја зацементирува егзистенцијалната криза на евро-атлантското семејство, е раскинување или олабавување на руско-кинеската блискост и бавење со вистинската стратешка цел на Америка, односно, Кина. Коперникански пресврт кој бара брутална терапија од која пак жртвеното јагне е Европа. Европа, сведена на секундарен играч, притоа изгубена и без компас, додека Русија ќе биде одново легитимирана и рехабилитирана, или поточно, прогласена за (не)противник.

Форматот ЕУ пропаѓа заедно со НАТО

Паничната и импровизирана реакција на седумте НАТО и ЕУ членки плус Велика Британија, собрани од страна на Макрон во Париз, говорат за степенот на очај и за првите обиди да се освестат од ударот врз нив и врз старата и ослабната Алијанса, свесно смислен од Трамп и од Путин. Веднаш се покажа дека европските комунитарни структури немаат одговор и не можат да се натпреваруваат со светските супер-сили еднаш кога играта ќе стане груба. Во спротивно, немаше да бидеме сведоци на средба помеѓу само седум ЕУ членки и Обединетото Кралство, формат којшто го санкционира надминувањето на консолидираните шеми во последните 75 години на Обединета Европа.

Тоа само ни потврдува дека форматот ЕУ пропаѓа заедно со НАТО. Односно, нѐ потсетува дека европската конструкција беше ќерка на евроатлантскиот избор и пристап на Америка, нешто што автоматски влегува во криза кога Европа повеќе не е приоритет за САД и мора да бара алтернативи на стратешката заштита од прекуокеанскиот сојузник. Со обидот да регрутира некаков нуклеус на држави кои би ја реформирале европската безбедност, без тие чекори да се одвиваат преку ЕУ форматот, само се потврди празнината на европеистичката и атлантската реторика и демагогија.

Европската Унија е единствената пречка за империјалните цели на Трамп, па дури и на Маск. Од тие причини и Трамп има намера да го депотенцира НАТО и да го врати на чисто одбранбен сојуз. Трамп свесно ги прифаќа и присвојува тезите на Путин, вклучувајќи ја и онаа дека ветувањето за влез на Киев во НАТО е причина за војната, со цел да им сигнализира на Русите дека ги смета за легитимни нивните безбедносни интереси. Поточно, ниедно примирје во Украина и никаква нормализација нема да издржи доколку Кремљ продолжи да го гледа НАТО како извор на шарени револуции.

Во таа логика треба да ги сместиме и царините или економската војна врз Европа, како и нападите на Венс и Маск според кои во Европа: „слободата на говорот е во опасност“ каде всушност се напаѓа европскиот „Digital Service Act“, единствен од тој вид на светот, преку кој се регулираат големите технолошки гиганти. Венс ги нападна и европските лидери и елити застапувајќи ја тезата дека либералната-демократија практикувана пред сѐ во Европа е опасна и радикална агенда, која се пресликува во експортација на демократија и која не прифаќа други форми на власт и потоа води до војни. Тука е клучната порака до Русите: Мораме да ја запреме Европа! Затоа и Трамп и неговите владини преставници и ја напаѓаат.

На идеолошкото разоружување на Трамп следува и она вистинското. Администрацијата на Трамп размислува за повлекување на нивните трупи од Источна Европа. Најавено е и намалување од 8% на буџетот на Пентагон, за секоја од следните 5 години, но кратењата се однесуваат само на Европа, Африка и Блискиот Исток, но не и за Индо-Пацификот или Северна Америка. За ова ќе одлучува пред сѐ Конгресот, но јасно ја исцртува линијата на Трамп според која САД немаат средства за војна затоа што задолжувањето е преголемо, народот не сака војна и зголемување на даноците и воената индустрија длабоко заостанува. Оттука повторување на наредбата до Европа: Русија повеќе не е непријател.

Балканизација на Европа?

Постојат уште неколку новости за Европа. Првата е помирување со фактот дека САД ќе ја напушти Европа за да се побави со Кина. Америка не може да си дозволи Пекинг технолошки и воено да го претрка Вашингтон, особено не во вештачката интелигенција и трката за свемирот. Сѐ друго работи во функција на тој императив. Почнувајќи од раскинување на чудниот руско-кинески сојуз помеѓу поранешните непријатели, парадоксално обединети од страна на САД преку украинскиот конфликт.

Дополнителен проблем на Европа, покрај маргиналноста, е што внатрешно се поделени помеѓу земјите (Западна Европа) кои и понатаму сакаат да работат и тргуваат со Русија, и оние кои би сакале да исчезне, пред сѐ Скандинавците, Полјаците и Балтичките држави.

Но, можеби најголемиот проблем е што поранешните американски заштитници на веќе соголените Европејци бараат од нив жртви и средства кои тие не се во состојба да ги поднесат. Не се работи само за трошењата во Одбраната или 5% БДП за НАТО. Од Европа се бара да плати за реконструкцијата на Украина и за бранење на Европа, нешто што е просто невозможно. Истата „рекет“ логика се употреби кон Украина и барањето да плати 500 милијарди преку давање на своите минерали, природни богатства, пристаништа и тендери. Всушност, Трамп бара да ја подели Украина, каде истокот ќе заврши во Русија, а остатокот ќе стане американска колонија, само не воена, туку чисто рударска. Арачот кој Трамп го бара е за Украина да преживее, свесен дека со таквите барања не може да преживее. Затоа и Киев ја одби понудата, како што и Европа се бори да излезе од наметнатите услови и одлуки на Трамп. И затоа Трамп ги напаѓа. Ако прифатат и се поклонат – во ред, ако не, само ќе му олеснат во разбирачката со Москва.

Тука лежи нападот врз Европа, за од кој да се искочи потребно е брзо и моќно реформирање и зајакнување на нејзините одлучувачки процеси и институции. Во спротивно, самостојното бавење со Украина и со Русија, како и евентуалното интегрирање на Киев во ЕУ, може да бидат неиздржив товар за Брисел, нешто што ќе ја растури Унијата. Да не збориме за политичкиот напад однатре и движењето спонзорирано од Америка на европските авторитаријанци, суверенисти и нео-нацисти, зад лудата имитација „МЕГА“ – „Make Europe Great Again“. Тоа е внатрешната сопка која би требало да ја оневозможи Европа да се реформира и рестартира во моментот на најголема криза и напад.

Или Европа ќе стане една сила, една политичка држава со 500 милиони луѓе или ќе се сведе на 27 мали и средни, лесно уценливи државички. Балканизација која ние и предобро ја познаваме.

 

Поврзани содржини