ЗОШТО СЗО „ГО ВКЛУЧИ АЛАРМОТ“ ЗА ОМИКРОН? Стравуваат од преносливоста, клиничката слика и ефикасноста од вакцините

Иако сè уште не е познато до кој степен омикронот е заразен за оние кои биле вакцинирани и оние кои оздравеле од ковид-19, СЗО препорачува забрзана вакцинација на ризичните групи.

988

Варијанта омикрон на коронавирусот носи многу висок глобален ризик, предупреди во понеделникот Светската здравствена организација (СЗО).

Како што е наведено, овој вид најверојатно ќе се шири низ светот, а поголемото зголемување на бројот на заразени може да има тешки последици во некои области.






Иако сè уште не е познато до кој степен омикронот е заразен за оние кои биле вакцинирани и оние кои оздравеле од ковид-19, СЗО препорачува забрзана вакцинација на ризичните групи.

– Случаи на ковид-19 се очекуваат и кај вакцинирани лица, но во мал и предвидлив дел – прогнозираат експертите на СЗО.

Оваа институција даде препораки до државите да работат на подготовки со интензивна имунизација, за да се зачуваат потребните здравствени услуги и покрај очекуваното зголемување на бројот на заболени лица.

СЗО повтори дека сојот омикрон има бројни мутации на „спајк“ протеинот, кој е „цел“ на вакцината.

– Ние епидемиолозите го толкуваме ова предупредување на Светската здравствена организација (СЗО) како повик за претпазливост, како и повик за надзор над ширењето на новата варијанта омикрон. За новата варијанта знаеме само една недела и многу ни е непознато…. Врз основа на информации од Јужна Африка, очигледно е дека таму е зголемен бројот на хоспитализирани, но дека клиничката слика на пациентите не е тешка – велат епидемиолозите.

Тие истакнуваат дека иако омикрон има дури 32 мутации во „спајк“ протеинот во споредба со оригиналниот вид од Вухан, сепак тој е истиот вирус.

Извршниот директор на „Модерна“ Стефан Бансел смета дека постоечките вакцини ќе бидат многу помалку ефикасни против сојот омикрон и предупреди дека може да поминат месеци пред фармацевтските компании да можат да произведат повеќе вакцини што ќе делуваат против новата варијанта на коронавирусот.

Бансел рече дека големиот број мутации на омикрон и брзото ширење на таа варијанта во Јужна Африка укажуваат на тоа дека постоечките вакцини можеби ќе треба да се модифицираат во следната година.

– Мислам дека нема шанси ефикасноста да биде на исто ниво како што ја имавме со делта варијантата. Мислам дека ќе има пад. Не знаеме само колку затоа што треба да ги чекаме податоците. Но, сите научници со кои разговарав велат нешто како … „ова нема да биде добро“ – рече Бансел во интервју за Фајненшл тајмс.

Поврзани содржини