ЗОШТО СЕ КРИЕ ДОКУМЕНТОТ ИСПРАТЕН ДО БУГАРИЈА? Власта преговара надвор од собраниската Резолуција, тврди Милошоски

„Не треба така лекомислено да се даваат било какви ветувања и да се преземаат обврски за дополнително менување на Уставот“, вели пратеникот Антонио Милошоски.

238

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска не одговори на клучното барање, а тоа е да ги сподели со нас документите кои во декември минатата година МНР ги има испратено како официјални одговори во Софија во однос на пакетот 5+1. Бидејќи пратениците се тие кои избираат министри, министрите треба да доаѓаат во Собранието, да покажат демократска култура и да ги споделат документите со нас како народни избраници, изјави за „Тема на денот“ во дневникот на Сител, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.

– Со тоа што Османи потврди дека има таков документ испратен во Софија, а не сака да го сподели, значи дека некој има потреба да крие, а денеска го зголеми сомнежот дека задкулисните разговори содржат нешто коешто излегува надвор од Резолуцијата.  Изразуваме загриженост да не бидеме доведени пред свршен чин, да имаме документ кој е земи или остави, во кој не може да се интервенира – рече Милошоски.






Тој потсети и на изјавата на Пендаровски, кој суптилно, во едно интервју на национална телевизија, напомена дека можеби некој договор ќе помине со просто мнозинство, знаејќи дека власта нема двотретинско.

Во врска со прашањето за Бугарите во македонскиот Устав, Милошоски рече дека она што го прават Бујар Османи и Димитар Ковачевски е надвор од Резолуцијата.

– Резолуцијата која ја донесовме во Собранието вели дека треба да се разговара рамноправно и да има реципроцитет. Не може Македонија 30 години секогаш нешто да отстапува, да прави концесии, да попушта и на крајот ништо да нема за возврат – изјави  Милошоски.

Тој вели дека не треба така лекомислено да се даваат било какви ветувања и да се преземаат обврски за дополнително менување на Уставот.

–  Што би добиле ние со тоа, дали ќе станеме членка на ЕУ, дали ќе ги признаат Македонците во соседните држави? ВМРО-ДПМНЕ смета дека такви обврски не треба да се преземаат. Уставот беше отворан без да донесе подобрување во реалниот живот и затоа не треба повторно да се отвора и да се додаваат било какви други заедници, народи или што и да е – рече Милошоски.

 

Поврзани содржини