Зошто и во 21 век сѐ уште се исцрпуваме на работа?

- Луѓето мислат дека влегуваат во однос со газдата кај што „јас ќе работам напорно, а ти ќе се грижиш за мене“. Ова е размислување од 20 век – заклучува Лехнер. Останува на работниците да го скршат овој маѓепсан круг, или можеби да им ја препуштат работата на роботите и вештачката интелигенција.

852

„Алчноста е добра“ е познатата фраза од филмот „Вол Стрит“ од 1987 година во кој млади шефови опседнати со пари само работат и работат во високи облакодери, чекајќи ги своите милиони. Изгледа оттогаш култот на прекумерно работење уште е меѓу нас, вели статија на БиБиСи.

Дури 9,2 часа повеќе од стандардните 40 часа неделно работеле луѓето низ светот годинава, додека лани таа бројка била 7,3 часа. Со пандемијата нашето работно време само се зголемува, а често ги слушаме и младите светски милионери како велат дека треба да го жртвуваме нашето спиење за „да го смениме светот“.






Зошто работиме прекумерно, кога знаеме кои се последиците од исцрпувањето? Зар не сме доволно информирани во оваа информатичка ера?

Се будиш, дишеш и спиеш со твојот лајф-стајл

Прекумерното работење не се случува само во Силиконската Долина во Калифорнија. Во Јапонија на пример, ваквата традиција била воспоставена во 50-тите кога земјата сакала да се обнови по Втората Светска Војна. „Нема одмора, док траје обнова“. Во арапските земји најмногу работат докторите заради нивниот хаотичен здравствен систем.

Една од причините, се мисли, е дека луѓето во професии кај што им се помага на другите имале тенденција да се исцрпуваат, велат првите истражувања на темава од 70-тите. Ова исто така го видовме во корона-пандемијата.

Втората причина е секако, кариеристичка. Мислиме дека е возбудливо и дека ќе нè одведе до успех. Не мора да се тоа пари, може да е и прекумерно постирање на слики на Инстаграм со кои покажуваме како го живееме „совршениот живот“.

– Го величаме животниот стил, а тој е: тоа со што се занимаваш, тоа „го дишеш“, се будиш секој ден со него, работиш на него цел ден и на крај спиеш со него – вели Анат Лехнер, професор по менаџмент од Њујорк.

Протестантите го измислија, а Гугл го популаризира исцрпувањето

Протестантите од 16 век сметале дека напорната работа и потрагата по профит се благороден подвиг. „Подоцна, со нагонот за ефикасност, целово ова прераснало во Индустриската револуција и дополнително ја зголемило вредноста на константната напорна работа, често на штета на нашето здравје“, објаснува Сели Метлис, професорка од Оксфорд.

Набрзина премотуваме во 80-тите, во ерата на консумеризмот, кога претседателот Реган и Маргарет Тачер од Британија ја прифатија оваа девиза уште повеќе. Веќе во 90-тите, кога се јавија Гугл и Фејсбук, на „бубалиците“ што ги створија овие фирми светот им даде признание за непроспиените ноќи.

Тогаш почнаа да излегуваат статии како успешните билионери можат да го организираат својот ден така за да постигнат сè. Единствената разлика со тие од филмот „Вол Стрит“ е дека сега нивната мотивација е „пасијата кон продуктот, или повисока цел“, објаснува професорката Метлис.

Иронијата е во тоа што токму технологија која ја создадоа овие големи гиганти, прави да работиме уште повеќе, што беше видливо во ковид-кризата.

„Да работиме до 5“ му припаѓа на минатиот век

– Исцрпувањето е феномен кој беше откриен, па го немаше, па пак го открија, како да има циклуси – вели професорката Кристина Маслах од Беркли која од 70-тите го истражува овој феномен.

Во тоа време, истражувањата покажале дека луѓето кои се исцрпиле од работа се депресивни, со главоболки и често се иритирани од работата. Тоа останало така до ден-денес иако на капитализмот гледаме со други очи.

– Класичната поделба на ден и ноќ и „ај да работиме до 5, а после да пиеме и да си легнеме во 10“ е за луѓе од 20-тиот век. Во 21 век се е многу подруго – вели професорка. Живееме во култура која е 24/7. Ги немаме тие фискни граници.

Светската здравствена организација во 2019 го призна исцрпувањето на работа како посебен феномен кој ве остава да се чуствувате нечовечки, физички и емоционално исцедени и да се прашувате зошто воопшто сте се нафатиле за таа работа.

Ако не ние, напорно ќе работат роботите

На крај сè се сведува на парите. За многу фирми уште важи она „ако не работиш напорно, ќе најдеме некој друг што ќе работи напорно. И ако тоа не успее, тогаш ќе пробаме со вештачка интелигенција. А ако роботите ја преземат фирмата, заедно ќе ја раководиме“ – иронично вели професорката Лехнер од Њујорк.

Баш затоа Лехнер не верува дека проблемот со прекумерно работење ќе биде наскоро решен. На сличен став е и нејзината колешка Маслах. Според Маслах, останува на работниците да го скршат овој маѓепсан круг, или можеби да им ја препуштат работата на роботите и вештачката интелигенција.

– Луѓето мислат дека влегуваат во однос со газдата кај што „јас ќе работам напорно, а ти ќе се грижиш за мене“. Ова е размислување од 20 век – заклучува Лехнер.

Поврзани содржини