Зошто Русија не смее да се натпреварува на Олимписките игри, а во Токио има руски спортисти?
Според сегашната забрана на Светската анти-допинг агенција, Русија нема дозвола да се натпреварува на ниту еден спортски настан, а овие Олимписки игри се трети по ред на кои руските спортисти се соочуваат со рестрикции и ограничувања.
Кога руските спортисти застануваат на победничиот подиум во Токио, наместо националната химна го слушаат клавирскиот концерт на Петар Илич Чајковски.
На Русите не им е дозволено да веат руско знаме, ниту да се натпреваруваат под името Русија.
Овие санкции се реакција на историјата со допинг од страна на Русија, која четири години водеше допинг-програма спонзорирана од државата за летните и за зимските олимписки спортови.
Покрај тоа, фалсификуваа тестови во текот на Зимските олимписки игри во 2014 во Сочи, каде што како домаќини завршија на врвот од табелата по број на освоени медали.
Оттогаш руските спортисти се соочија со ограничувања на олимпијадите.
Руските медали под прашалник
Во Токио повеќе од 300 спортисти во 30 спортови се натпреваруваат како Руски олимписки комитет (РОК), кој се ноѓа на петтото место на табелата од освоени медали, со 49 медали, од кои 12 златни.
Нивниот успех не помина најдобро во конкуренцијата, која смета дека на Русија не треба воопшто да ѝ се даде дозвола за настап на Олимписките игри.
Американскиот пливач Рајан Марфи рече дека финалето на 200 метри грбно пливање во петокот најверојатно не било чисто, бидејќи ја загуби олимписката титула од Евгениј Рилов.
Британскиот пливач Лук Гринбанк, кој освои бронза на истата трка рече дека е тешка ситуација кога не знаете дали тој против кого се натпреварувате не игра валкано.
– Се разбира, многу се зборува во медиумите за настапот на Руската Федерација на Олимписките игри. Знае да биде фрустрирачки кога го гледате како спортист, знаејќи дека постојано е на допинг програма спонзорирана од страна на државата – додава тој.
Американската веслачка Меган Калмо изјави дека тим кој не би смеел да се наоѓа на овој настан, да замине со сребрен медал е навистина грозно чувство, бидејќи Василиса Степанова и Елена Оријабинскаја го освоија второто место во двојки.
Иако Марфи подоцна го повлече својот коментар велејќи дека говорел за допинг воопшто, пливачот Рилов изјави дека Американецот има право на свое мислење, имајќи ја предвид руската историја на допинг.
Но, РОК подоцна објави на Твитер дека неговите спортисти се во Токио со апсолутни права.
„Ви се допаѓа или не, мора да знаете да губите. Но, тоа не го знае секој“, пишува во објавата.
Во меѓувреме, тенисерот Даниел Медведев остро реагираше на прашањето дали руските спортисти го носат товарот на измамниците на Олимпијадата.
– Ова е прв пат во мојот живот да не одговорам на некое прашање и треба да се срамите, не сакам повеќе да ве гледам – им рече вториот светски рекет на новинарите.
Скандал со допингот
Скандалот со допингот изби во 2014 година по истрагата на германската телевизија и кога извештајот кој го нарача Светската анти-допинг агенција најде докази за фалсификување тестови за зимските Олимписки игри во Сочи, две години подоцна.
Откриено е дека меѓу руските спортисти имало широка употреба на лекови кои промовираат спортски перформанси, поттикнато и прикриено од тренерите, лекарите, државните и спортските служби.
Генерално на Русија ѝ беше забрането да се натпреварува во Рио во 2016 година и само оние кои можеа да докажат дека се чисти, добија дозвола за учество на зимските Олимписки игри во Пјонгчанг, под неутрално знаме.
Според сегашната забрана на Светската анти-допинг агенција, Русија нема дозвола да се натпреварува на ниту еден спортски настан, а овие Олимписки игри се трети по ред на кои руските спортисти се соочуваат со рестрикции и ограничувања.