ЗОШТО РИСТО ПЕНОВ Тивкиот и опасен играч од резервната клупа
Политичката биографија на Пенов ни кажува дека „тивкиот резервист“, кој сега се враќа во политиката буквално од „пензионерска клупа“, никогаш не треба да се потцени. Особено не кога главните играчи ќе се прекомбинираат.
Номинацијата на Ристо Пенов за наследник на Горан Милевски на позицијата министер за локална самоуправа, а веројатно и за иден лидер на Либерално-демократска партија, македонската јавност ја затекна изненадена. Пенов веќе десеттина години е политички пензионер. Од каде сега тој? И зошто?
На прв поглед, се чини дека Пенов е идеално решение во ситуација кога СДСМ одигра валкано против својот коалициски партнер Горан Милевски. Веројатно се наложила потребата ЛДП да не се офира како неспорно сателитска партија, со евентуалниот избор за Моника Зајкова на лидерското место. Зајкова прерано „крена уши“ и ги обелодени своите амбиции да го наследи МИлевски, а со тоа и да го понижи.
Се чини дека тоа е имиџот што го следи Пенов во текот на целата негова политичка кариера. Секогаш „мирен“, никогаш во прв план, секогаш човек од резервната клупа, никогаш премногу гласен, корисен кога претендентите од првата постава не можат да се договорат или кога ќе се прекомбинираат.
Неговата биографија вели дека првиот професионален ангажман на Пенов е во органите на управа на Град Скопје, каде што работел на проблемите на економскиот и просторниот развој на градот. Својата политичка кариера ја почнува во далечната 1986 година, кога станува советник во економскиот тим на Петар Гошев. Кога Гошев во 1993 година ја формира Демократската партија, Пенов станува нејзин секретар, се до нејзиното фузионирање со Либералната партија.
Во новата Либерално-демократска партија, во 1997 година ќе биде избран за потпретседател. Но, пред тоа, ќе блесне како победник во трката за градоначалник на Скопје, на локалните избори во 1996 година. Тоа беа исклучително важни избори, бидејќи го најавија и првиот пораз на поранешните комунисти на слободни и демократски избори, што се случи во 1998 година, кога ВМРО-ДПМНЕ на Љубчо Георгиевски го порази СДСМ на Бранко Црвенковски.
И со ангажманот на терен, како вреден градоначалник (иако без грандиозни проекти, какви што не се ни очекуваа тие години), Пенов ги освои симпатиите на скопјани. Се виде тоа и на локалните избори во 2000 година, кога по втор пат беше избран за градоначалник на Скопје. Таа година Стојан Андов со своите приврзаници ја напушти ЛДП и ја основа Либералната партија, а Пенов стана лидер на ЛДП.
Две години пред новите претседателски и локални избори, картите почнаа да се мешаат. Тиквата пукна рано, во 2003 година, кога СДСМ одлучи да го смени Гошев од позицијата министер за финансии. Тогаш наголемо се зборуваше дека Гошев е жртва на комбинаториките на Ристо Пенов и на Бранко Црвенковски. Не треба да се заборави дека тогаш големи амбиции имаше и Стевчо Јакимовски, сегашниот и тогашен градоначалник на скопската општина Карпош.
Но, сите планови, направени или недовршени, се растурија кога по трагичната погибија на претседателот Борис Трајковски, во 2004 година се одржаа предвремени претседателски избори. Победи Бранко Црвенковски. Во градоначалничката трка за Скопје во 2005 година Пенов беше поразен од Трифун Костовски, кој ја уживаше поддршката од ВМРО-ДПМНЕ.
Една година подоцна, после парламентарните избори, по големата победа на ВМРО-ДПМНЕ, Пенов конечно најави повлекување од лидерското место во ЛДП, на кое во 2007 година дојде Јово Манасијевски. Потоа Пенов „отслужи“ уште два мандата во парламентот, но веќе не како ѕвезда во политиката.
Од тогаш, практично, почна тивкото, но целосно повлекување на Ристо Пенов од политиката. Во која влезе на голема врата, со еден молневит успех, но сепак како човек од резервната клупа на Гошев. Како потценет „резервист“.
И еве, Пенов во политиката повторно се враќа од резервната, сега веќе пензионерска клупа. Тоа се случува по повлекувањето на лидерот на ЛДП Горан Милевски. Како што е познато, Милевски се повлече под жестоки притисоци на СДСМ и на сдсмовските марионети во ЛДП, предводени од Зајкова. Всушност, Милевски плати висока цена и за сопствената улога на приврзок на СДСМ, инаку неспоива со неговите лидерски амбиции.
И така некако, името на Пенов како иден министер за локална самоуправа, но и како веројатен иден лидер на ЛДП, се појави како неочекувано, но како логично решение. И биографијата на Пенов ни кажува дека „тивкиот резервист“ никогаш не треба да се потцени и дека во политиката, сепак, нема многу случајности.