ЗОШТО ПУТИН Е ОПСЕДНАТ СО ИДЕИТЕ НА КЛУБОТ ВАЛДАЈ? Што носи визијата на Свет во кој силата е единствено правило

Аналитичарите од клубот Валдаи руската агресија ја прикажуваат како прилагодување кон новиот глобален хаос, за кој веруваат дека не може да се контролира. Според нив, старите правила веќе не важат, а единствената гаранција за опстанок и стабилност е воената моќ. Според оваа теорија, само силата ги поставува правилата, а останатите мора да се прилагодат.

197

Владимир Путин се чини станува опседнат со идеите на клубот Валдај, елитен тинк-тенк близок на Кремљ, такашто дури редовно им оди на годишните конференции, пишува хрватскиот портал Јутарњи лист во својата анализа на руската надворешна политика и промените во светската геополитичка и идеолошка сцена, од перото на Сњежана Павиќ, реномирана и искусна хрватска новинарка, публицистка и аналитичарка:

Визијата на Владимир Путин за мултиполарен свет е темел на руската надворешна политика уште од неговиот говор во Минхен во 2007 година. Суштината на таа идеја е дека по завршувањето на Студената војна американската доминација постепено слабее, а Русија се обидува да го врати својот изгубен глобален влијателен статус.






Надворешнополитичките потези на Путин во изминатите години, според проруски аналитичари, подобро се објаснуваат преку теоријата на хаосот, отколку преку класичните геополитички модели. Таков став изнесува аналитичарот Антон Барбашин (Anton Barbašin) во анализа објавена за порталот Ридл Русија (Riddle Russia).

Според оваа теорија, „стариот свет“ е неповратно исчезнат. На сцена е неконтролиран хаос, секоја држава функционира како изолиран систем, а војната станува новата нормалност. Барбашин забележува дека ова размислување станало особено популарно меѓу прокремљовските аналитичари по анексијата на Крим и почетокот на војната во источна Украина, пред околу 15 години.

Овие аналитичари се собрани околу клубот Валдаи (Valdai Club) – влијателен тинк-тенк чии годишни конференции редовно ги посетува и самиот Путин. Тие сметаат дека светот повеќе не може да се објасни со концептот на „мека биполарност“, во која Соединетите Американски Држави и Кина се два доминантни пола, а останатите држави се приклонуваат кон едниот или другиот.

Според нивната анализа, во глобалните случувања нема јасен образец или предвидлив ред. Како што пренесува рускиот опозициски портал Медуза (Meduza), новата парадигма најчесто служи како интелектуално оправдување за постојната надворешна политика на Путинова Русија.

Повикување на историјата

Барбашин оценува дека мултиполарноста е идеал, слично како што комунизмот бил идеал за Советскиот Сојуз. Во тој контекст, тој ја толкува и војната во Украина – како обид на Русија да создаде сопствена зона на влијание во свет во кој исчезнале правилата и рамнотежата од времето на Студената војна.

Аналитичарите од клубот Валдаи руската агресија ја прикажуваат како прилагодување кон новиот глобален хаос, за кој веруваат дека не може да се контролира. Дел од ова размислување е и убедувањето дека старите правила веќе не важат и дека единствената гаранција за опстанок и стабилност е воената моќ.

Оттука, според таа логика, станува „разбирливо“ зошто Русија ги прекршува меѓународните договори и меѓународното право и извршува инвазија врз Украина – борејќи се за својот интерес во свет каде, како што сметаат, повеќе не владеат правила, туку сурова сила.

– Нема смисла да се воздржувате од употреба на „било каква неопходна сила“, бидејќи со тоа всушност создавате нови правила и покажувате дали сте способни да бидете голема сила – ја објаснува Барбашин оваа логика. Според неа, само силата ги поставува правилата, а останатите мора да се прилагодат.

Барбашин не гледа противречност меѓу теоријата на хаосот и честото повикување на Путин на руската историја и таканаречените „историски права“ врз туѓи територии. Селективното користење на царската и советската историја, вели тој, создава чувство на континуитет и визија за обнова на некогашната моќ.

Од перспектива на Москва, гледано од 1991 година наваму, токму Западот е тој што ги прекршил старите правила, а не Русија. Според ова толкување, Русија само реагира.

Пораки од Путин

Путин лично ги повтори овие ставови на својата годишна прес-конференција минатиот петок.

– Не се сметаме одговорни за смртта на луѓето во Украина, бидејќи ние не ја започнавме оваа војна – нагласи тој.

Тој додаде дека Русија нема да започнува нови „специјални воени операции“ сè додека Западот, како што рече, „се однесува со почит“ кон Москва.

Путин позитивно се изјасни и за иницијативата на Доналд Трамп за запирање на војната во Украина, истакнувајќи дека Русија е решена да продолжи со разговорите со Соединетите Американски Држави. На прес-конференцијата, тој ги оцени напорите на Трамп како „целосно искрени“ и рече дека „практично се согласил“ со неговите предлози за време на самитот на Алјаска минатото лето.

Европската Унија како пречка

Говорејќи на самит во Киргистан, кон крајот на ноември, Путин предупреди дека Русија е подготвена и понатаму да освојува територии со сила доколку Киев ги одбива условите за прекин на огнот. Овој став го повтори и на состанок со високи воени претставници на 17 декември.

– Целите на специјалната воена операција несомнено ќе бидат постигнати – рече Путин, заканувајќи се дека Русија ќе ги „ослободи своите историски територии“ со воени средства доколку спротивната страна и нејзините странски поддржувачи одбиваат сериозни разговори.

Имајќи предвид дека администрацијата на Трамп сака да „склучи договор“ за Украина и да ги обнови економските врски со Русија, Путин јасно стави до знаење дека Европската Унија сега ја гледа како главна пречка. Сепак, според анализата на Барбашин, Путин верува дека е само прашање на време кога и европската политика ќе се сврти во негова корист. Тој минатата недела изјави дека сегашните европски лидери на крајот ќе ја изгубат власта, по што дијалогот со Русија ќе стане „неизбежен“.

Теоријата на хаосот и внатрешната политика

Кога теоријата на хаосот се применува и на состојбите внатре во Русија, руските аналитичари заклучуваат дека универзални вредности повеќе не постојат и дека моралот нема место во надворешната политика. Според нив, Кремљ е слободен да преземе какви било мерки што ги смета за неопходни за да обезбеди внатрешна стабилност и да спречи глобалните противници да ја искористат наводната слабост на Русија.

Со други зборови, тие ја оправдуваат автократската политика на Путин и го толкуваат светот на начин што најмногу му одговара на рускиот лидер.

Поврзани содржини