Зошто пропаѓа Македонија?

Ете така, Македонски народе, се препушти друг да решава за тебе, за судбината на твоите деца...! Колкупати пишував дека е голема и намерна грешка, што Османи е избран да решава за македонскиот идентитет кој не го познава, ниту му е гајле за него... Ти, народе, само скрпи пара за да некаде, усвет, платиш лежалка и дреми под зраците на сонцето кое ќе те изгори. Ќе ти стане јасно зошто Македонија пропаѓа, тогаш кога ќе ја снема заедно со нас.

1,703

Мојот Татко, кога му пишуваше писмо на својот брат Апостол во Бугарија („…полесно ми е  нива да изорам, отколку писмо да ти напишам…“), тоа го твореше цел ден.

Кога по пауза и испразнетото чоканче ќе заборавеше што напишал, каде застанал за да продолжи, ме тераше мене да му го дешифрирам напишаното. А, јас, секогаш ќе му прочитав тоа што не напишал. Прифаќајќи ја шегата, ќе ми речеше:






– Има голема разлика помеѓу мене и тебе: – Кога јас молчам со устата, немеам во душата. Кога ти молчиш, пишувајќи можеш да зборуваш од многу усти. А, за да зборуваш од многу усти треба да знаеш дека тоа што е надвор од твојата осознаеност, не треба да го прифаќаш, уште помалку да го кажуваш како твое размислување… – Тоа не е твое, и како туѓо, не смее, а може да те определи… и тоа насочувајќи те против самата себе.

– Како ќе ме „определи“, Татко?

– Така, лесно! Било која од многуте причини, во некој момент ќе ти се наметне и како со брана ќе те ограничи и оддалечи од тоа што е твоја мисла и тежнение. Тоа ограничување или подобро речено – пренасочување, е рамно на насилство кое си го правиш сама на себе, при што, твојата самопочит извалкана умира.

Мојот горделив селанец прогонет од своето, на кого рацете му останаа празни и ограбени без плугот и ѕевгарот, кој, често се „огледалуваше“ во закоравените плуски од дланките кога несвесно пред очите ги триеше една од друга како да се скаменети белези, или, чиниш, ги припремаше да ги стегнат светнатите рачки од плугот, имаше своја филозофија, дека – кога надвор од тебе ќе се доведе во прашање достоинството на наследеното исконско духовно завештание – земјата, во тебе, како светилка затреперува необјатното предупредување, кое бара да ја заштитиш својата исто така нарушена опстојба.

– Кога оваа вредност доаѓа под знак на прашање – велеше – а човекот молчи – ја прифаќа, не сака или не е во можност да реагира, земјата се распукнува од јад, како да е зафатена од силен земјотрес. Тој распук не секогаш бучен и пропратен со надворешен татнеж, кој најчесто одекнува и болно се доживува сал во душата на погодените… запретува многу кладенци, доведува до пресушување на многу изворишта од насушно значење за идното премостување  на како со нож пресечените судбини… Но, тоа не е крај..! Нее… не!

Намерно си даваше краток одмор од зборувањето, предавајќи се сосема на ритуалното задоволство – пушењето. Од табакерата која што стоеше секогаш пред него, ќе извадеше тенко хартиено листе од нагнетеното сечено калапче, ќе го вдлабнеше меѓу палецот и показалецот, од „специјалното“ ќесе со двата прста од десната рака скубнатите тенки, жолти лентички тутун полека ќе ги пластеше… и… на крајот, ќе ја свиткаше цигарата лизгајќи ја меѓу прстите од двете раце, додека ја погодеше – средно тенка, а набиена.

Кој знае што размислуваше додека ја држеше запалената цигара стисната меѓу пожолтените прсти, гледајќи го издуваниот прстенесто обликуван чад како се растура и бега… а, потоа – не забораваше да продолжи со зборувањето на избраната тема од неговиот „дневен ред“, токму таму кај што застанал:

– Ништо нема крај, ќерко! Сѐ што се случило има свое продолжение, го сакала тоа или не! Како и да е, – нови патокази на дотогаш непознати видици се наѕираат од ненадејно одшкрината  врата, како  јасни можности за пресврт во случувањата… кои времето ги изнесува на светлината на денот како внатрешни сили, плод на личните превирања, а избиени како р’кулци на надежта која никогаш не умира… Тоа се заветните чекорења по дамарите на старите и обновени светилишта на душата, кои од длабочините на самосвеста светнуваат  и го збогатуваат блесок во денот.

А, бре Татко! Дан ми зборуваш за хаос… а ми спомнуваш внатрешни сили и… ред?

– Има една вистина, ќерко! – Хаосот или како што велиме – безредие, е периодична појава која не може да се избегне. Тој, како ветерот, некогаш посилно, некогаш по левтерно ќе задува, ќе ја налегне тревата и житото по полето, но, поминува. Во природата одново се воспоставува ред и рамнотежа на опстојбата… Тревата се крева со стеблото спрема светлината, житото се таласа од топлината, и… така – сѐ до новата бура.

Хасот кој се јавува како циклична бура кај човекот, не е контролиран од природата, што не значи дека е трајно зло. Кога ќе завладее како резултат на различни интереси, манифестиран како судир на внатрешни и надворешни рушечки сили…, од себе, неминовно раѓа нов поредок кој е спротивен на него. Така било до сега и така ќе биде и од сега! Него Бог го праќа (некогаш со закаснение) за да  го натера човекот, додека тоне  во општото безредие,  во исто време да бара начин да се спасува од несносливата состојбата во која западнал  кога не размислувал самиот за себе, оставајќи тоа други да го прават за него. А, кога одново ќе почне да размислува за себе, станува кадарен да го организира хаосот и себе да се центрира во него, преобрнувајќи го безредието во нов воспоставен ред. Така, на веков се формираат, во повторка, општествените пластови, од слој – неред и слој од нова заложба за ред… што, трае дур трае… Потоа –„Ајде Маро, па по старо…“.

– Татко? – Кога хаосот како изблуван неред избива надвор од нас…  значи ли дека внатре во себе се „суредуваме“ како што правиме со домот пред Велигден?

– Слушај го Татко и запомни: – Параболата на хаосот е во нас, – мораме поединечно да се побуниме против него. Готовноста да го прифатиме личниот интерес на некои газообразни политичари и нивните гнидести поддржувачи,  кои на народот му нудат туѓа идеологија од која се раѓа хаосот… е наша грешка. Таквите, веднаш штом процветаат со зол мирис, треба да ги скршиме заедно со гранката на која се потпираат, и во тоа, како што велиш –  „суредување“,  да ги исфрлиме од политиката како ѓубрето што го исфрламе од дома, кога чистиме. Во спротивно, ќе потврдиме дека како недораснати и неспособни за самите себе, сме совршено подготвени роботи да го прифатиме личниот очај како плодно тло за туѓи политички цели, кои се секогаш бескруполозни.

А, чаре… има ли чаре…?

– Само ако се одважиме да размислуваме со своја глава и да не чекаме домашни нечесници и заинтересирани за себе јабанџии, опачно да ни ги решаваат работите. При тоа – знаејќи кој сме и што сме и што сакаме! Тогаш ќе можеме да се ослободиме од доминацијата на авторитетот, и тоа оној туѓиот, лажниот, маскираниот, бедниот… каков што го поседуваат многу политичари случајно дојдени на власт, или намерно наместени на позиции… И, запамети го и ова: – Тие што го донесоа дереџето – непоканета, мечката да ти игра во твојот дворот, а тоа се мечкарите, додека не наплатат за мечкиниот танц, не си одат… Значи – политичарите кои зад грбот на народот и против неговата волја ќе ја донесат државата во подредена и зависна состојба предизвикана од внатре или од надвор, не може, тие, истите, таквата состојба да ја разрешат, а ќе се нудат… за да го завршат тоа што го почнале. Час поскоро треба да се отстранат, без оглед што некои бесрамни чекаџии отстрана ги фалат!

Ете, токму тоа деновиве се случува кај нас: – Мечкарите кои нѐ доведоа на дереџе, по заповед, ние место мечките да го одиграме мечкиниот танц, а тие да наплатат, сеуште ни се шепурат, а ние ги трпиме свесни дека ги преобрнуваат нивните лаги…. – Имало надеж со продолжено тандемско договарање, да ја довршат работата! Која работа?

Најново: – Ја довршиле работата….! Макрон го објави „компромисот со кој се сложиле двете страни …?“ кој, спрема Ковачевски, не е нов документ, туку модификација…!?

На што се сложиле сомнителните преговарачи во наше име, каков е? И колку може тој „модифициран документ“ да биде прифатлив за нас, кога веднаш е прифатен од Бугарите?

…Збунето се прашувам: – За кое време Татко ми зборуваше…? Знам, ако сега беше до мене, што ќе ми речеше: – „Ослободете се од здруженото забало на домашните неранимајковци, кои откако намерно ја оплескаа работата, сега, безобразно продолжуваат, за „спас“, да ви нудат претурено решение… здружени со алчните и грамежливи соседи и европски прострелани моронски умови… Не се прајте ќори и пред политиката на САД, кои криејќи се како печурка под грмушка, со молчење, или со кратко рафални соопштенија ја поддржуваат Бугарија, бидејќи тие се главните креатори на погубната политика за Македонија и Македонскиот народ. ЕУ и Бугарите се само чопор од глутницата кучиња кои како телали лаат, гласејќи се себе како преставници на животинскиот свет… Сите тие здружени кучиња, заедно со регистрираниот домашен кучкарник, се намерачиле да ве растргат. – Зошто да не?, ако дозволите, ако отстапите од своето… ако прифатите!?“.

Во ситуација кога како народ живееме во исчезнат општествен поредок на нефункционална држава, стегнати во рамката на сиромаштијата пропратена со примитивизмот и беснеењето на поделената власт раководена од ДУИ, која сѐ посмело, погласно осилена и неспречена го тенчи екстремизмот работејќи јавно – тајно против државата и Македонскиот народ; лишени од вистинските општествени врски и вредности, поединечно се чуствуваме самонапуштени, изиграни… Сето тоа има причина: – Водени од предавници преправени во вашарски интересџии кои ни го потценуваат разумот, се претвораме во неорганизирана прашина на ТИЕ ПОЕДИНЦИ – МЕЧКАРИ, кои упорно, со подмижани очи ни го тепанат дајрето, усмерувајќи нѐ по пат од здушена магла, кој само ним им е чист.

Ете така, Македонски народе, се препушти друг да решава за тебе, за судбината на твоите деца…! Колкупати пишував дека е голема и намерна грешка, што Османи е избран да решава за македонскиот идентитет кој не го познава, ниту му е гајле за него… Ти, народе, само скрпи пара за да некаде, усвет, платиш лежалка и дреми под зраците на сонцето кое ќе те изгори. Ќе ти стане јасно зошто Македонија пропаѓа, тогаш кога ќе ја снема заедно со нас.

– „Вистина е тоа, дека со Македонија, простете ми на изразот, сите се мајтапат“. (Илир Кула, експерт од областа на безбедноста во Албанија, 26.06.2022)

Поврзани содржини