„ЗОШТО ОСМАНИ И КОВАЧЕВСКИ МОЛЧАТ ЗА ПАРИТЕ ШТО ГИ ДРЖИ ФРЧКОСКИ?“ Стоилковски прашува дали ќе се казни однесувањето на амбасадорот

372

Ниту Бујар Османи, ниту Димитар Ковачевски не одговорија каде се 4 милиони долари од поделбата на имотот на поранешна Југославија што ѝ припаднаа на Македонија. Зошто Фрчкоски не ги враќа парите во буџетот? Дали ќе се санкционира ваквото однесување на Фрчкоски, во моменти кога Ковачевски воведува нови даноци поради празната државна каса, а Фрчкоски не враќа 4 милиони долари?

Овие прашања ги постави денеска портапаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.






– Ова е огромен скандал, недозволиво е два дена да нема одговор зошто Љубомир Фрчкоски не ги префрла 3 милиони и 400.000 американски долари од сметката на Постојаната мисија на Македонија при ОН во државниот буџет? За потсетување, 3,4 милиони веќе се префрлени на сметка на Мисијата на Фрчкоски, а се очекуваат уште 600.000 американски долари – рече Стоилковски.

Тој ги повика Османи и Ковачевски да одговорат дали во декември лани и во јуни годинава испратиле инструкции до Фрчкоски парите да бидат префрлени во државниот буџет.

– Османи и Ковачевски мора да одговорат зошто е потребно дури на два пати, декември и половина година потоа, во јуни годинава по втор пат да праќаат исти инструкции амбасадор да врати пари од сметка во буџетот? Дали Фрчкоски одбива соработка со Министерството и со Владата? Дали е тоа дозволено самоволие и непочитување на инструкции од Фрчкоски – парите не ги префрла во буџетот на државата, тоа одбива да го направи и ги држи на сметката на Мисијата? – прашува Стоилковски.

Тој вели дека мора да се знае какви инструкции има амбасадорот Фрчкоски за трошење на државните 4 милиони долари и за што се планирани овие пари – дали воопшто се планирани ако се бараат во буџетот или на повидок е потенцијална матна зделка?

 

Поврзани содржини