ЗОШТО ЛУКСУЗНИТЕ КУЌИ КОИ ГОРАТ ВО ХОЛИВУД СЕ ИЗГРАДЕНИ ОД ДРВО? Причините за користење на овој материјал може да ве изненадат

Ниската цена на дрвото и неговата лесна достапност се економските причини зошто во САД семејните куќи се градат од дрво. Јакиот земјотрес во Лонг Бич во 1933 година дополнително ги смени прописите во Калифорнија и направи да се забрани тулата како конструкција, која не е отпорна на земјотреси.

3,326

Еден силен земјотрес кој срамни со земја повеќе од 70 училишта во Лонг Бич во 1933 година ги смени прописите за градба во Калифорнија и предизвика тулата за градење куќи да се замени со дрвена конструкција која е далеку поотпорна на земјотреси.

Тоа е само една од причините зошто најголемиот дел од куќите во Калифорнија се изградени од лесно достапна дрвена конструкција и поради тоа лесно горат.






Другите причини се ниската цена и достапноста на дрвото, но и американската традиција да се гради од овој материјал. Ако сакате да градите куќа од армиран бетон во САД потешко ќе најдете изведувач. Истовремено, САД вложуваат многу во својата дрвна индустрија.

Во екот на разорните шумски пожари во Лос Анџелес кои изгореа повеќе од 2.000 куќи, меѓу кои и луксузни вили во Холивуд, се поставува прашањето – дали тамошните граѓани, вклучувајќи ги и познатите холивудски ѕвезди имале друг избор да ги изградат своите живеалишта? Штетите од пожарот, според последните информации, ја надминаа вредноста од 150 милијарди долари.

Дрвото е лесно запалив материјал. Пожарите засилени со непрекинатите урагански ветрови ги срамнија со земја куќите на Парис Хилтон, Џејми Ли Кертис, Џон Гудман… Од нив остана само бетонскиот темел. Истовремено, дрвените монтажни или полумонтажни конструкции не се отпорни на големи торнада.

„Дали оваа куќа навистина вреди 35 милиони долари?“, коментираат корисниците на Икс на снимка од куќа во Холивуд која гори и која била огласена за продажба за таа сума.

Снимката стана вирална.

 

Бетон само за патишта, тунели, висококатници…

Не само што тулата со децении е забранета како материјал за градење носива конструкција во Калифорнија туку од 1986 година и луѓето кои имаат вакви куќи мораат да ги доградат и зацврстат конструкциите.

Причината зошто тулата не е отпорна на сеизмички влијанија е што таа не е армирана. Од друга страна, армираниот бетон во САД најчесто се користи за големи градежни проекти, деловни згради или патишта и тунели.

Филозофијата на исплатливост оди дотаму што многу куќи за фасада го користат евтиниот и достапен штуко малтер, штукатура, затоа што со него можат да се прават најразлични естетски ефекти, а притоа има одлични изолациски способности.

Штукатурата е мешавина од гипс, вар, мермерна прашина и почва што се користи уште од класичната антика  како основа за ѕидни или релјефни слики.

Некој треба да ја храни дрвната индустрија во САД

Дрвото е еден од најчестите градежни материјали што се користат во Лос Анџелес бидејќи е еден најдостапен материјал. Дрвото се витка при земјотрес. Тое е релативно евтин материјал и со тоа се обезбедува индустријата на сеча на дрвја во земјата, која е значајна. Тоа не значи дека во САД сопрела дивата сеча на дрвја.

Европските колонизатори кои за првпат дошле во САД го избрале дрвото за градба. Од дрво се гради побрзо за разлика од мократа постапка со цемент или со тули. Тоа било клучно за градење голем број објекти за идната држава.

 

Побарувачката не запира и ги пумпа цените на куќите

Па сепак, зошто е скапо домувањето во Калифорнија? Државата веќе има репутација на место каде е тешко да си дозволиш сопствен дом. На почетокот на годината просечната цена за семејна куќа надмина 900.000 долари, што е недостижно за милиони Американци.

Има неколку фактори што ја пумпаат цената на домовите. Едниот од нив е побарувачката која ја надминува понудата што прави притисок врз цените. Бројот на станови и куќи е ограничен поради сложените прописи за градење, но населението во Лос Анџелес и во Сан Франциско расте.

Калифорнија останува привлечна за моќни инвеститори од целиот свет. Холивуд е културна престолнина на филмската индустрија, но и на многу други јавни личности во САД.

А во меѓувреме растат трошоците за купување земјиште, градба, материјали и за работна сила. Регулативите за животната средина стануваат комплицирани.

Еколошката страна на проблемот 

Згора на сето ова, пазарот на дрво во САД уште не е опоравен од пандемијата со ковид-19 кога се разнишаа глобалните синџири на снабдување со дрво. Цените тогаш достигнаа рекордни нивоа.

Еден извештај од април 2021 година покажа дека зголемувањето на цената на граѓата ги зголемило трошоците за изградба на едносемеен дом за повеќе од 35.000 американски долари.

Сечата на дрвја има висока еколошка цена. Многу животни беа истребени од шумите поради тоа. Температурите на светско ниво за првпат се покачија за повеќе од 1,5 степени откако се мерат годишните просеци.

Експертите за шуми проценуваат дека во 1630 година, околу половина од земјиштето во САД било пошумено, со вкупно повеќе од 1,02 милијарди хектари. До 1910 година, ова ниво падна на приближно 721 милион хектари.

САД остануваат голем играч на светскиот пазар со дрво со најголема сеча на годишно ниво.

Поврзани содржини