ЗОШТО ХЕЛИКОПТЕРОТ НЕ ПРИЈАВИЛ ПРОБЛЕМ? Иран покрена истрага за несреќата во која загина претседателот Раиси
Според првичните сознанија се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој патуваа претседателот на Иран, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахиан, е технички дефект на леталото.
Началникот на Генералштабот на иранската армија, генерал-мајор Мохамад Багери, назначи делегација за истрага на случајот со хеликоптерската несреќа во која загина иранскиот претседател Ебрахим Раиси.
Истрагата која веќе започна на местото на инцидентот ја води генералот Али Абдолах, а резултатите ќе бидат објавени по нејзино завршување, пренесува ИРНА.
Како што беше претходно објавено, се верува дека причина за падот на хеликоптерот во кој се наоѓаше иранскиот претседател Раиси е технички дефект на леталото.
„Раиси маченички настрада во неделата како последица на хеликоптерска несреќа што се случи поради технички дефект на авионот“ – објави иранската државна новинска агенција ИРНА, не прецизирајќи каква е природата на дефектот на хеликоптерот.
Хеликоптерот, во кој патуваа претседателот на Иран, Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи, Хосеин Амир Абдолахиан, не го вклучил сигналниот систем или воопшто немал таков систем, соопшти министерот за транспорт и инфраструктура на Турција, Абдулакадир Уралоглу.
Уралоглу изјави дека турските власти провериле дали има сигнал од хеликоптерот откако ја слушнале веста за неговото уривање бидејќи Иран спаѓа во подрачјето на Турција за реакција при вонредни ситуации.
– Прво проверивме дали хеликоптерот испратил сигнал или не. За жал, се покажа дека системот за сигнализација бил исклучен или хеликоптерот не го поседувал овој сигнален систем – соопшти Уралоглу.
Погребните обреди за иранскиот претседател, министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан и другите кои загинаа во хеликоптерската несреќа ќе се одржат денеска во Табриз, главниот град на Источен Азербејџан, во 9:30 часот по локално време.
Телото на Раиси подоцна ќе биде пренесено во Техеран, пред да биде погребано на 23 мај во неговиот роден град Машхад, во североисточниот дел на Иран.
Хеликоптер со иранскиот претседател Ебрахим Раиси и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се урна во неделата во северозападниот дел на Иран, при што загинаа уште шест лица.