Зошто е збунета американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер?
Во последниве неколку години, Амбасадата на САД се опкружи со премногу луѓе од локалната заедница кои „гостуваат“ на Калето заради лобирање за сопствените интереси. Најчесто за пари од даночните обврзници на САД. Амбасадата премногу често подлегнуваше на нивните пристрасни информации, креирани врз основа на нивната претпоставена лојалност кон американските интереси во Македонија и во регионот. Така Калето стана една голема ехо-комора...
Објектот на Амбасадата на САД во Македонија се наоѓа во непосредна близина на познатата скопска средновековна тврдина. Тој објект по својата грандиозност навистина наликува на една неосвоива модерна крепост. Но, тоа сепак не е најважната причина поради која народот на Американската амбасада ѝ даде и второ, симболично име – Калето.
Тоа име симболизира сила, моќ, но и постојаност и стабилност. Во перцепцијата на граѓаните на Македонија, САД се најважниот стратешки партнер на оваа земја, а водечкиот американски дипломат се смета за најмоќниот човек во Скопје, како и премиерот, ако не и помоќен од него. Се разбира, таа перцепција е резултат и на многу неосновани претерувања, но сепак, не може да се одрече дека во овие три децении независност ставот на американската дипломатија за состојбите во Македонија секогаш бил и останува исклучително важен.
Односот на луѓето во Македонија кон Калето не се сведува само на стравопочит. Македонците паметат дека во раните 1990-ти години, кога земјата се осамостојуваше и кога прашањето на денот беше „ќе нѐ биде или не“, американското влијание на меѓународната сцена беше пресудно. Тогаш Американците го покажаа и го докажаа своето пријателство кон нас. И секако, не може да се заборави тоа дека во годините кога нашата земја беше принудена да ја прифати понижувачката референца ФИРОМ за да стане членка на Обединетите нации, САД воспоставија дипломатски односи со земјава под името „Македонија“.
Односот на јавноста кон пораките што повремено доаѓаат од Калето секогаш е двостран – од една страна, тука е стравот дека повторно се спрема некаква ујдурма во која Македонија ќе биде монета за поткусурување во геостратешките пазарења во регионот; од друга страна, тука е и надежта дека САД и Калето ќе ја поддржат нашата независност, мирот и стабилноста, демократизацијата на земјата и борбата против криминалот и корупцијата.
Неверојатен превид или нешто друго?
Се извинувам што морав да стокмам еден подолг вовед во оваа колумна, но ми се стори тоа нужно, за подобро да се разбере значењето и тежината на најновата изјава на Амбасадата на САД, овој пат за изборот на Ислам Абази за шеф на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Да се потсетиме на таа сосема куса изјава: „Резултатите на изборот ги сметаме за збунувачки, особено што во минатите години потрошивме милиони долари за обука на обвинители и судии во Македонија“.
Колку што е збунето Калето од изборот на Абази, толку сме збунети и изненадени сите ние од ова искрено признание на новата амбасадорка Анџела Прајс Агелер. Зашто, во принцип, од дипломатското претставништво на најмоќната земја на светот може да се очекува сѐ освен – збунетост.
Ова го поттикнува сомневањето дека амбасадорката Агелер немала поим дека за шеф на најважното јавно обвинителство ќе биде избран лик како Абази, човек кого јавноста не го познава, за кого неколку дена по изборот ќе се дознае дека е „формално-правно фотографиран“ на некакви ловџиски дружби со прваците на ДУИ. Изгледа дека човекот што треба да ја предводи битката против организираниот криминал и корупцијата не бил во видното поле на Амбасадата на САД. А првата работа што ја вети новата амбасадорка е помош за Македонија во борбата против корупцијата.
Како можело да дојде до ваков неверојатен превид? Како можело да се дозволи најважната амбасадорка во Македонија да биде збунета од изборот на клучниот „ресорен“ обвинител?
Што сѐ не знае амбасадорката Агелер?
Пред директно да одговорам на оваа дилема, би сакал да потсетам дека сличен гаф, всушност многу пострашен, на Калето му се случи кога со него шефуваше амбасадорот Џес Бејли. Во екот на големата политичка криза, предизвикана со објавувањето на нелегално прислушуваните разговори, се создаде Специјалното јавно обвинителство, институција што требаше да ја предводи битката против организираниот криминал и корупцијата и да биде пример и предводник на реформите во правосудството. Сѐ уште не се знае (барем јас не знам), како се случи но на чело на таа институција да биде подметната една крајно спорна личност, обвинителка со сомнителен бекграунд, која набрзо и самата заврши фатена во корупција и рекет, за што подоцна беше судена и правосилно осудена и сега се наоѓа на издржување затворска казна.
На сличен начин како што Катица Јанева се појави на сцената – нигде од никаде! – еве го сега се појави и Абази. И тоа избран на „непосредни избори“, со најголем број гласови.
Збунетоста на амбасадорката Агелер покажува дека таа не знае како и зошто е избран Абази на оваа важна позиција. Претпоставувам дека прв пат слуша за овој лик…
Би се обложил дека амбасадорката не знае уште многу нешта за македонското правосудство, коишто би морало да ги знае. Како шеф на амбасадата донатор и промотор на несудените реформи.
На пример, сигурен сум дека таа не знае зошто републички јавен обвинител сѐ уште е Љубомир Јовески, иако одамна требаше да се избере нов.
Верувам дека таа не знае зошто Фатиме Фетаи се откажа од трката за шеф на Вишото јавно обвинителство.
Би се осмелил да кажам дека госпоѓата Агелер, всушност, не ја знае најважната работа – кој е човекот алфа и омега, што ги влече конците во македонското правосудство и каква е неговата спрега со организираниот криминал и корупцијата.
Списоците на „избраните“
Прашањето за милион долари е зошто сето тоа не го знае новата шефица на Калето. На која мора да ѝ се честита барем на искреноста и на тоа што јавно признава дека е збунета.
Еве, ќе се обидам да ѝ помогнам да ја реши дилемата.
Калето, како и сите други поголеми амбасади во Скопје, за состојбите и за процесите во земјата домаќин се информира на вообичаените начини – со дипломатски контакти со официјалните лица, со следење на мноштвото информации од јавно достапни извори и со неформални контакти со луѓе од заедницата. Сепак, најчувствителните информации амбасадите ги добиваат од своите локални брифери. Тоа се луѓе кои амбасадите самите ги избираат и ги канат на брифинзи во различни формати. На тие средби дипломатите ги „продаваат“ политиките на своите централи, а од локалните брифери „купуваат“ информации за значењето и за бекграундот на она што може да се види на јавната политичка сцена.
Во минатото и јас бев на списоците на „избраните“ во неколку амбасади, вклучувајќи ја и американската. Од таму и се знаеме и со госпоѓата Агелер и со нејзиниот сопруг Брајан. На тие средби сум сфатил една важна работа – клуч за успехот на тој вид комуникација е дипломатите да бидат отворени за разговори со луѓе кои претставуваат различни интереси во општеството и презентираат различни гледишта. Најважно е, значи, да се презентира лепеза на различни мислења и оценки за состојбите. Впрочем, тоа е во согласност со златното правило за секој дипломат да не се „одомаќини“ премногу (да не стане too native) и да не подлегнува на пристрасни (biased) информации.
За жал, мојот впечаток е дека во последниве неколку години, посебно од доаѓањето на Џес Бејли во Македонија, Амбасадата на САД се опкружи со премногу луѓе од локалната заедница кои „гостуваат“ на Калето заради лобирање за сопствените интереси, најчесто за пари од даночните обврзници на САД. Калето премногу често подлегнуваше на нивните пристрасни информации, креирани врз основа на нивната претпоставена лојалност кон американските интереси во Македонија и во регионот.
„Алгоритам“ за индоктринација
Тој, релативно нов „алгоритам“, придонесе Калето да стане една голема ехо-комора, во која и домаќините и гостите разменуваат информации и гледишта кои се „филтрираат“ врз основа на блискоста во ставовите. Ехо-коморите кај луѓето предизвикуваат пристрасност кон потврдување, бидејќи колку повеќе сме изложени на еден вид информации, толку повеќе веруваме дека тие се точни. Така брифинзите сѐ помалку стануваа начин на размена на кредибилни информации, а сѐ повеќе сеанси за меѓусебна индоктринација и манипулации со вистината.
Можеби искреноста и отвореноста на амбасадорката Агелер се причината поради која таа сега настапува со вакви изненадувачки изјави (како и онаа изјава дека сме направиле „повеќе од доволно“ за да бидеме дел од НАТО и од ЕУ). Но, јас би сакал да ја уверам дека ако не преземе нешто, нејзиното присуство во ехо-комората во Калето во следните шест месеци ќе биде доволно таа да престане да дава вакви изјави. Ќе си легне на брашното. Нејзините локални „брифери“ ќе ја убедат дека спомнатиот Абази сепак е генијален обвинител, како што веројатно и Бејли го убедиле дека Катица Јанева е вистинскиот избор за тогаш најважната функција во македонското правосудство.
Затоа, јас би ја посоветувал амбасадорката Агелер да продолжи така како што почна. Сега знам дека ништо не знам, вели мудриот Сократ. Тука некаде е почетокот на знаењето…
Ќе им верува ли драгата Анџела?
Верувам дека амбасадорката Агелер не знае како е можно на Македонија да ѝ се случи и аферата „Онишченко“. И нема да сфати зошто сега за тој скандал нема да има вистинска одговорност.
Нејзината претходничка не знаеше како можело оваа држава да подели 200 идентитети и пасоши на белосветски криминалци, а целата таа афера да се затвори со експресен судски процес и со благи казни за најслабите алки во синџирот на корупцијата. Кејт Мери Брнз не беше ни искрена да признае дека е збунета од тој скандал.
Амбасадорката Агелер не знае што се случува со локалната трговија со канабис и какви интереси се вплеткани во тој валкан бизнис. Нејзината претходничка не сакаше ни да знае.
Едноставно, Калето не знае кои се главните ликови на корупцијата и на организираниот криминал во Македонија. Верувам дека во Амбасадата стасале некакви информации за тоа, но „алгоритмот“ ги скрил или ги дилитирал од системот. Како небитни. Или како злонамерни.
Верувам дека амбасадорката Агелер е збунета и од молкот на медиумите и на новинарите за овие нешта. Посебно на оние во кои Калето дебело инвестира со години.
Претпоставувам дека некои од тие новинари веќе се обиделе на драгата Анџела ѝ ја продадат приказната за златната Катица Јанева и за лошите момци што го уништиле Специјалното јавно обвинителство.
Амбасадорката веројатно го слушнала и наративот за „растечкото руско влијание“ во критички настроените медиуми, кои се против реформите и напредокот на земјава кон ЕУ, шират хистерија и го кочат напредокот кон светлата иднина.
Итн, итн…
Ќе им верува ли Анџела, како што им веруваа нејзините претходници?
Ах, предизвици, предизвици…
За крај, збор два и од моето лично искуство.
САД имала во Македонија одлични амбасадори. Јас ќе издвојам двајца – Кристофер Хил и Филип Рикер. Сум имал прилика да разговарам отворено и со двајцата. Со Рикер почесто одошто со Хил. Сум „купувал“ од нив, но истовремено секогаш сум се чувствувал слободен и комотен да ги споделам своите информации и мислења, дури и такви што не сум ги споделувал јавно. Имам и поинакви искуства, за жал. Се сеќавам, на пример, на неколку жестоки кавги со амбасадорот Мајк Ајник.
Како и да е, во последно време сум дистанциран од Калето и веќе не сум на списокот на „избраните“. Да бев помлад и малку поамбициозен, ќе се чувствував фрустрирано. Но, сега дистанцата на некој начин ми годи. Ако ништо друго, помалку сум збунет.
Анџела Прајс Агелер не може да си дозволи таква комоција каква што можам да си дозволам јас. Таа не е репортер. Или аналитичар. Некои наши политичари се однесуваат како аналитичари, дури и кога се на власт. Но, амбасадорката Агелер е жена што носи одлуки. Таа е шефица на Калето и не може да биде надвор од процесите. Затоа не смее да си дозволи да биде лошо информирана, да биде затворено во ехо-комора и да остане збунета.
За човек што јавно кажа дека сака да ѝ помогне на Македонија во борбата против корупцијата, би можело да се каже дека амбасадорката Агелер го почнува својот мандат со сериозни проблеми. Или, да го употребам омилениот еуфемизам на владата на СДСМ, научен токму од Американците – со големи предизвици.
Среќната околност е што за оваа мака има чаре. Верувам дека на Анџела Прајс Агелер тоа ѝ е јасно како бел ден.
(Забрането е преземање на оваа содржина или делови од неа до 21.11.2022 во 20:00 часот)