Зошто ѝ дадовме на Бугарија сапунче да се замие?

Како се случи Македонија, од жестоко онеправдана држава поради ветото на Бугарија, но и поради дипломатскиот молк на ЕУ, да се претвори во „проблематична балканска држава“, која живее во минатото и каде дневна тема е Втората светска војна и Југославија? И кој тоа ќе нѐ „помирува“ со себеси, со нашето минато и со соседот? Зашто натаму одат работиве?

10,893

Се прави дефокус и изместување на тези за вистинските причини за бугарското вето и за суштината на проблемот што Бугарија го има со Македонија и со себе си. Пред наши очи, во период од недела дена, се случи вратоломен пресврт во пораките на официјалниот македонски врв, со некакви невешти обиди за негирање на фашизмот како таков и на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна. Тоа, природно, предизвика шок во македонската јавност, масовни реакции во одбрана на елементарната вистина и потврдување на позициите за осуда на фашизмот, било кога и било каде. Притоа, фашизмот се дискутираше во контекст на нашата колективна меморија и семејни албуми, па неизбежно беше посочено дека во периодот 1941-44 Бугарија била окупатор во Македонија, како член на фашистичката оска.

Сево ова ѝ даде можност на официјална Бугарија да го модифицира наративот и објаснувањето на своето вето, зашто еве, Македонија е „оптоварена со минатото“, со „омраза кон соседот“ и со „комплекс на помала вредност“. На ваков начин, на Бугарија ѝ дадовме сапунче да се замие троа. Сега и ЕУ е поспокојна во својот молк, зашто Македонија сепак „придонела за ветото“, а нивната членка, Бугарија, имала донекаде разбирливи причини за тоа. Од аспект на дипломатски ишарети, можеби треба да се спомне дека во овој момент и со Европската комисија и со Советот на ЕУ претседава Германија, која има свои историски стратешки партнерства на Балканот. А старите партнерства не се расипуваат заради нови.






Ај да се потсетиме кои „непомирливи“ причини Бугарија ги наведе во објаснувањето на своето вето:

„Загрижени сме поради непрестаните тврдења за македонско малцинство во Бугарија. Признавањето на бугарските корени ќе стави крај на тоа“, кажа нивната министерка. Се жалеше дека „Македонците не признаат дека нивните идентитет и јазик имаат бугарски корени“. И сосема спокојно, широкоградо порача: „Подготвени сме повторно да ги потврдиме моменталните реалности, но тие мора да ја признаат историската вистина“. Во превод и адаптација, тоа значи дека најавија блокада сѐ дури не се откажеме од македонскиот идентитет, јазик, малцинство и историски развој каков што бил. Тази дупка не е дупка. Признај, или…! Оваа драмолетка беше толку европска, што Европејците останаа без збор.

Што, всушност, ги мачи нашите соседи? Дали е тоа минатото како такво, на ниво на фактографија, дали се борат за „голата вистина“? Не, проблем имаат со сегашноста и со иднината на Македонија, црпејќи инспирација од Сан Стефанска велика Бугарија, која им беше ветена од големите сили во 1878, нацртана на карта, а по три месеци повлечена. Е токму тој цртеж на карта сака Бугарија да го оствари денес и за во иднина! Барем дел од него, со нашата Македонија. Затоа не сака да прифати дека постојат некои Македонци со македонски идентитет и јазик, ниту дека постои македонско малцинство кај нив, измачено, непризнаено, но сѐ  уште борбено за своите културни и човекови права. Проблем имаат и со тоа што сме решени да постоиме и во иднина, освен ако не направиме сите групно национално и ментално самоубиство, како што сега, на општо чудење, прават поединци.

Останува непознато дали некој од ЕУ сугерирал таков расплет, во име на прочуениот политички „компромис“? Еве компромисно, со пазарџиски на-ти-дај-ми, да се поделат работите: јазикот нека си го викаат македонски, им попуштаме, ама да признаат дека порано биле Бугари со бугарски јазик! Лакрдија! Хипотетички, кога ЕУ навистина би посакувала и очекувала ваков расплет за Македонија и за Македонците, тогаш би требало да се запрашаме дали онаа ЕУ, која толку ја посакуваме и кон која се стремиме веќе три децении, дали уште постои? Дали се сѐ уште во игра  човековите права и слободи, демократските стандарди и правната држава? Дали се воопшто уште важни критериумите од Копенхаген за земјите кандидати? Дали ЕУ знае што сака и кон што се стреми?

Инаку, за информација на ЕУ: ние, граѓаните од Македонија, Македонците и сите други сограѓани, знаеме што сакаме и во огромен број сѐ уште посакуваме влез во ЕУ. И не се секирајте, не треба да нѐ „помирувате“ со никого. На лично ниво, живееме во одлични односи со соседите, им одиме масовно на одмори, викенди, во спа-центри и ски-центри, на море, а и нив ги дочекуваме срдечно кога ни доаѓаат на гости. Уште да сакаат политичките елити да ги поднаправат патиштата, да се зајакнат економските врски… Бараме нормален живот, такви какви што сме, со својата самосвест и култура. И знаеме дека имаме право на тоа. Ако нѐ примате вакви, тука сме!

 

Поврзани содржини