„ЗОШТО ДА НЕ, УКРАИНА МОЖЕ ДА ГИ ВРАТИ СИТЕ ТЕРИТОРИИ“ Трамп целосно изненади, го нарече Зеленски голем човек

Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа и особено од НАТО, границите на Украина какви што беа пред почетокот на војната, се многу остварлива опција. Зошто да не?, напиша шефот на САД по средбата со украинскиот колега во Њујорк кого за првпат го нарече голем човек.

515

Американскиот претседател Доналд Трамп објави порака на неговата социјална мрежа во која тврди дека Украина, со поддршка од Европа и НАТО, може да ги врати сите територии загубени од почетокот на руската окупација. Притоа, нагласи дека Русија западнала во сериозни економски проблеми поради војната која трае веќе три ипол години, пренесе хрватски Индекс.

Тој став претставува пресврт во реториката на Трамп, кој претходно често беше скептичен за шансите на Украина и остро го критикуваше украинското раководство, додека го фалеше рускиот лидер Владимир Путин.






„Кога ја разбрав воената и економската состојба на Украина и Русија, и кога ги видов економските последици за Русија, мислам дека Украина со поддршка од Европската унија е во позиција да се бори и да ја врати целата своја територија во изворна форма. Со време, трпение и финансиска поддршка од Европа и особено од НАТО, границите на Украина какви што беа пред почетокот на војната, се многу остварлива опција. Зошто да не? Русија води бесмислена војна три и пол години, војна што вистинска воена сила би ја добила за помалку од една недела. Тоа не е пофалба за Русија. Напротив, ги прави да изгледаат како „хартиен тигар“.

Кога граѓаните во Москва и другите градови низ Русија ќе сфатат што навистина се случува – дека бензинот е луксуз поради редици, дека економијата им е заробена од воени трошоци, дека Украина покажува неверојатен борбен дух – тогаш Украина ќе може да си ја врати земјата во изворната форма, па можеби и повеќе! Путин и Русија се во ГОЛЕМИ економски проблеми. Сега е моментот Украина да дејствува. Сепак, им посакувам добро на двете земји. Ќе продолжиме да го снабдуваме НАТО со оружје, а НАТО нека го користи како што смета. Среќно на сите!“, напиша Трамп на својата социјална мрежа.

Шефот на САД ја објави оваа порака по средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк, по неговото обраќање на Генералното собрание на Обединетите нации. Во таа прилика, Трамп ретко изрази пофалби за Украина, нарекувајќи го Зеленски „голем човек“ и истакнувајќи дека води „ѓаволски добра борба“.

– Имаме огромна почит кон борбата што ја води Украина. Тоа е навистина неверојатно – рече тогаш Трамп.

На новинарско прашање, Трамп истакна дека НАТО треба да ги соборува руските авиони ако навлезат во воздушниот простор на сојузничките земји, но за тоа дали САД би учествувале рече дека зависи од околностите.

Зеленски пак најави дека ќе му пренесе на Трамп детално извештај за фронтот, додавајќи:

– Имам добри вести.

Украинскиот лидер потврди и дека со американскиот колега ќе разговараат за безбедносни гаранции и за нови начини да се засили притисокот врз Русија.

Поврзани содржини