ЗОШТО ДА Е ЛЕСНО КОГА МОЖЕ ДА Е КОМПЛИЦИРАНО? Српскиот патријарх ни ја тутна тапијата спротивно на одлуката на Соборот
Дел од владиците на СПЦ стравуваат дека доделувањето на документот за автокефалност на МПЦ-ОА, чин кој наместо со сите достојности и помпензности во грандиозниот белградски храм „Свети Сава“ беше изведен кришум во црквата „Свети Архангел Михаил“, без многу верници, без новинари и без никаква претходна најава, може да отвори нови проблеми во православието и да создаде нови расколи, особено ако за тоа се прашуваат Цариград и Грчката православна црква (ГПЦ).
Дел од владиците на СПЦ во знак на револт одбиле да присуствуваат и да сослужуваат на вчерашната литургија во Белград, а по којашто српскиот патријарх Порфириј му го врачи Томосот за автокефалија на поглаварот на Македонската православна црква (МПЦ-ОА), г.г. Стефан.
Како што дознава Плусинфо од високи и угледни црковни извори од Белград, одлуката на архијерејите да се спротивстават на брзоплетниот потег на патријархот, како што тие го оценуваат доделувањето Томос за автокефалност на МПЦ-ОА пред да се пополнат административните дупки и да се информираат сите помесни православни цркви вклучувајќи ја и Вселенската патријаршија, е спротивно на одлуката на мајскиот Собор на Српската православна црква (СПЦ), оти, како што тврдат, ниту еден предуслов не е исполнет и затоа нема потреба од толкаво брзање.
Оттука, тие стравуваат дека доделувањето на документот за автокефалност на МПЦ-ОА, чин кој наместо со сите достојности и помпензности во грандиозниот белградски храм „Свети Сава“ беше изведен кришум во црквата „Свети Архангел Михаил“, без многу верници, без новинари и без никаква претходна најава, може да отвори нови проблеми во православието и да создаде нови расколи, особено ако за тоа се прашуваат Цариград и Грчката православна црква (ГПЦ).
Од друга страна, пак, архијерејите на МПЦ-ОА уверуваат дека вчера не добиле Томос за автокефалност, туку само препорака за добивање автокефален статус од страна на сите помесни православни цркви и од Вселенската патријаршија.
„Брза кучка слепи кучиња раѓа“
Не е воопшто незначителен бројот на српски владици кои му се спротивставија на патријархот Порфириј и одбија да учествуваат, па дури и да присуствуваат на заедничката литургија со македонските архијереји по која следуваше доделувањето Томос за автокефалност на МПЦ-ОА, велат високи црковни извори од СПЦ за Плусинфо.
– Тоа е така оти српскиот патријарх одеднаш и неочекувано ја промени одлуката што во мај годинава беше донесена на Соборот на СПЦ, а која гласи дека МПЦ-ОА ќе биде прогласена за автокефална црква откако ќе се решат административните работи, откако за тоа ќе се информираат сите православни цркви и откако СПЦ ќе го достави предлогот до вселенскиот патријарх Вартоломеј. Ништо од тоа не е направено, а и самата СПЦ нема право да доделува Томос за автокефалност на друга помесна црква, без разлика дали станува збор за ќерка-црква. Владиците стравуваат дека со затворањето на македонско-српскиот црковен проблем ќе се отворат други нови и многу пострашни проблеми, особено ако на бунт се кренат ГПЦ и Цариград. И што сме направиле во таков случај? Што доколку утре вселенскиот патријарх, на пример, рече дека Цариград нема да сослужува со СПЦ и со МПЦ-ОА? Што ако истото го рече и поглаварот на Грчката православна црква? Тогаш дефинитивно ќе се подели православнието на два дела – едниот со Цариград, другиот со Москва – објаснуваат нашите соговорници.
Тие потенцираат и на уште еден голем проблем: на територијата на Македонија, во моментов, активни се две канонски православни цркви – автокефалната МПЦ-ОА и автономната Православната охридска архиепископија (ПОА), а како што објаснуваат, таквата ситуација е неодржлива и спротивна на сите правила и канонски поредоци.
– Не е дозволено на една иста територија да постојат две канонски цркви. И тоа патријархот Порфириј многу добро го знае и затоа не смееше да дозволи таков пропуст. Кога веќе доделува Томос за автокефалност на едната црква, тогаш требаше да го повлече, односно да го поништи Томосот за автономија на другата црква. Ние немаме ништо против одлуката да ѝ се додели автокефален статус на МПЦ-ОА, но не прифаќаме прекршување или заобиколување на правилата. Апелираме до МПЦ-ОА да биде многу внимателна во следниот период и да мисли со своја глава – велат нашите извори од СПЦ.
Не е Томос, туку препорака!
МПЦ-ОА денеска излезе со соопштение во кое изразува благодарност до СПЦ поради заокружување на процесот на помирување со вчерашното издавање на официјален документ, кој, како што наведува, е своевидна препорака со која МПЦ-ОА се претставува како подготвена и достојна за автокефалност.
– МПЦ-ОА му благодари на милостивиот Бог, а воедно и на сестринската СПЦ за снисходливоста и за покажаната љубов за помирување и за навремено и брзо решавање на меѓусебниот однос и административните аспекти, што произлезе како насока од страна на Христовата Црква во Константинопол и со актот за враќање во канонско единство на Охридската Архиепископија и со сите досегашни напори. Овој процес меѓу двете цркви беше заокружен вчера во Белград, како меѓусебно решение, со издавањето на официјален документ, како своевидна препорака со која нашата света црква се претставува како подготвена и достојна за автокефалност“, се наведува во соопштението објавено од Кабинетот на архиепископот г.г. Стефан.
Од Кабинетот известуваат дека во наредниот период, при официјалната посета на Фанар за Педесетница, Вселенската патријаршија ќе биде известена за решението на СПЦ.
– Во наредниот период при официјалната посета на Фанар за Педесетница, што со голема радост ја очекуваме и кога ќе биде официјализирано нашето прифаќање во сеправославното литургиско и канонско единство, претстои да биде известена Вселенската патријаршија за решението на СПЦ за да бидат затворени сите управни прашања меѓу двете цркви. Изразуваме полноцрковна надеж, во блиска иднина да се пристапи кон финализирање на нашето црковно прашање и со издавање на општопризнат томос од страна на неговата сесветост, вселенскиот патријарх Вартоломеј, согласно неговите законски и историски принадлежности“, се нагласува во соопштението.
И митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синдот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, уверува дека документот што вчера српскиот патријарх Порфириј му го врачи на македонскиот архиепископ Стефан е всушност акт со којшто се потврдува на писмено сето тоа што српскиот патријарх го соопшти во Скопје на 24 мај.
Тој смета дека работите сѐ уште не се целосно завршени и дека ова е само дел од процесот до конечно добивање на официјалниот Томос од Вселенскиот патријарх.
– Сега почнува процесот. Тие се согласуваат и сега го даваат тоа во писмена форма. Ќе ги информираат сите православни цркви и ќе започне процесот за добивање Томос за автокефалност – кратко изјави владиката Тимотеј.
Средбата во Цариград виси во воздух?
Угледниот портал „Ортодокс тајмс“, кој е верски информативен медиум и кој на англиски и на грчки јазик информира за случувањата во православниот свет, вчера објави текст дека одлуката на СПЦ да ѝ додели Томос за автокефалност на МПЦ-ОА е дел од политиката на Руската православна црква (РПЦ) и со која директно се доведува во прашање јурисдикцијата на првата меѓу еднаквите Вселенската патријаршија.
Уредничката на порталот, Ефи Ефтимуи, смета дека СПЦ извела потег кој потсетува на руската тактика и со кој дополнително се усложнуваат состојбите во православието и тоа во екот на војната во Украина предзвикана од руската агресија.
„Ова создава проблеми во однос на статусот на Црквата на Северна Македонија, чиј поглавар е предвидено за неколку дена да сослужува со вселенскиот патријарх Вартоломеј во Цариград, но сега, со оглед на новонастанатата ситуација, останува да се види дали ова сослужување воопшто ќе се одржи. Вселенскиот патријхарх веќе ја призна Охридската архиепископија прифаќајќи ги во евхаристиско единство свештенството и верниот народ на оваа црква предводена од архиепископот Стефан. И во соопштението на Синодот на Вселенската патријаршија од 9 мај се наведува дека СПЦ треба да ги регулира своите административни прашања со Црквата од Скопје, но и јасно се нагласува дека името на црквата се препознава како Охридска архиепископија и се исклучуваат термините ‘македонска’ и која било друга варијација на зборот кој започнува на буквата М“, пишува Ефтимуи во анализата по повод вчерашните настани во Белград.
Таа го наведува и писмото на претседателот на државата, Стево Пендаровски, упатено до вселенскиот патријарх Вартоломеј во кое тој му се заблагодарува за одлуката на Вселенската патријаршија.
„Во ова писмо, претседателот на Северна Македонија ја изразува својата надеж и очекување за конечно решавање на административниот статус на црквата на неговата земја во блиска иднина преку доделување на автокефален томос од страна на Вселенската патријаршија, нагласувајќи дека завршувањето на автокефалноста на црквата на Северна Македонија е врвен национален интерес“, пишува Ефтимиу.
БПЦ може само да се слика!
Универзитетскиот професор и поранешен прв човек на Комисијата за односи со верските заедници, Цане Мојаноски, во интервју за Фокус вели дека може да се случи Бугарската православна црква (БПЦ) да не ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА, но сепак, посочува тој, тоа нема да влијае на доделувањето на Томосот од страна на Вселенската патријаршија.
– Ако ја погледнеме бугарската практика дека сѐ што е до 1944 година го присвојуваат како сопствен дел од историјата, такво поведение е можно. Но, што ќе значи за МПЦ-ОА ако една патријашија не ја прифаќа автокефалноста? Веројатно тоа прашање ќе стои отврено како што стои отворено прашањето за други православни цркви. Тоа нема да ја намали можноста МПЦ да е составен ден од православната екумена, да општи со неа. Нашиот архиепископ наскоро ќе богослужи на Фанар со вселенскиот патријарх. Да се надеваме дека таква заедничка литургија во иднина ќе стори и со архијерејите на Бугарската православа црква – вели Мојаноски.