Зошто цените во Македонија се пониски од тие во Србија, Хрватска и во Словенија?
Летово спроведов едно мало истражување за цените на четири добро познати производи во овие четири земји од поранешна СФРЈ. Истражувањето побуди голем интерес на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер) и недвосмислено потврди дека е заблуда распространетото мислење во нашата јавност дека цените во нашите маркети наводно биле исти, дури и повисоки, одошто во земјите од регионот, па дури и од Германија.
Летово што измина поминав некое време во Хрватска. Кога сте во маркет, природно е да започнете да споредувате цени на одредени производи кои се продаваат и во нашите маркети. Посебен впечаток ми остави рибната конзерва со скуши во растително масло од брендот „Ева“, производ на „Подравка“ од Копривница. Повозрасните помнат дека овој бренд беше доста популарен и во времето на поранешната СФРЈ.
Одвреме-навреме ја купувам оваа конзерва во нашите маркети. Цената изнесува околу 120 ден, односно 2 евра. За жал, само во последниве неколку години цената беше зголемена за можеби над 50%. Истиот производ во познатиот синџир маркети „Конзум“ во Хрватска летово се продаваше за 3 евра. Ми стана чудно – како е можно хрватски производ во Македонија да има за 50% пониска цена од земјата на потекло.
Колку чинат сардините „Ева“, паштетата „Аргета“, колачињата „Медено срце“ и кремата „Бекутан“ во Македонија, Србија, Хрватска и во Словенија?
Во текот на минатата недела, барајќи одговор на прашањето, решив да направам мало истражување, со помош на достапни податоци од веб-страниците на познати маркети во четири земји од поранешната СФРЈ (Македонија, Србија, Хрватска и во Словенија), за цените на производи што им се нудат на купувачите, а задоволуваат два услови: прво, да се познат бренд, прифатен од потрошувачите и присутен во маркетите во сите четири земји; и второ, да се работи за хомоген (истоветен) производ што е податлив за споредба.
Секој ден објавував по еден пост за одреден производ што ги задоволува двата наведени услови, почнувајќи со хрватските „Ева“ сардини, словенечката „Аргета“ кокошкина паштета, преку српските медени колачиња (медењаци) „Медено срце“, производ на фабриката „Пионир“ од Суботица, за на крајот серијалот да заврши со познатиот „Бекутан“ крем за нега на деца, производ на нашиот „Алкалоид“ од Скопје.
Сите четири објави беа отворени за коментари од страна на корисниците на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), каде што беа објавувани. Четирите објави побудија интерес што ги надмина сите мои очекувања, достигнувајќи близу 30.000 прегледи, проследени со бројни коментари. Како што обично бидува, имаше поприличен број цинични коментари, кои за среќа исчезнаа со третата објава, кога, веројатно, беше разбрана поентата на мојот напор и беше очигледно дека, сепак, тука „има нешто“.
Како што можеше да се види од споредбите, цените на спомнатите производи се најниски во Македонија, а највисоки во Хрватска и во Словенија. Исклучок е кремот за деца „Бекутан“ на Алкалоид, кој кај нас се продава по повисока цена од таа во Србија. Деталите заинтересираниот читател може да ги најде на мојот профил на социјалната мрежа Икс – @Tslaveski.
Што се однесува до условот при споредбата на цените да се користи „хомоген“ производ, сакам да истакнам дека имаше коментари дека сепак, наводно, тоа што цените на компарираните производи се најниски во Македонија, се должело на фактот дека производителите кај нас пласирале производи со послаб квалитет во споредба со другите пазари. Овој аргумент не можам да го прифатам: прво, од причина што не постои доказ за тоа; и второ, не верувам дека им се исплати на производите да имаат посебни производствени линии за мал пазар како што е македонскиот. Но, сепак, да оставиме извесна резерва за ова. Можеби во иднина некоја надлежна институција ќе се зафати со проверка на оваа теза.
Законитост е дека нивото на цени во земји на пониско ниво на развиеност е пониско, особено кај услугите
Сведоци сме дека во нашата јавност е присутно мислење дека цените во нашите маркети наводно биле исти, дури и повисоки, одошто во земјите од регионот, па дури и од Германија. Тоа може да се види и од повеќе коментари на моите објави. Се споредуваат номиналните износи на просечните плати. Се трудам да укажам, како што тоа го правам често, дека при споредба на стандардот од една до друга земја и причините за тоа, не треба да се користат номинални показатели, туку да се води сметка за куповната моќ на парите. Доходите треба да се сведат на т.н. паритет на куповни сили (Purchasing Power Parity). На овој начин, на пример, вкупниот БДП на Кина е поголем од тој на САД, а вредноста на минималната плата во Македонија е меѓу највисоките во регионот, како што објаснив во една моја претходна колумна.
Факт е дека Словенија и Хрватска уште во СФРЈ беа поразвиени од Македонија, а со членството во ЕУ разликите се одржаа, со тенденција на зголемување. Законитост е дека нивото на цени во земји на пониско ниво на развиеност е пониско, особено кај услугите. Еспресо во центарот на Солун чини 4 евра, кај нас значително помалку. Моите студенти знаат дека ова се нарекува Баласа-Семјуелсон ефект.
Ќе биде интересно некој да направи споредба меѓу цените на некој тип услуга во четирите држави, како, на пример, потстрижување за мажи (кај жените, како и сé друго, споредбата е покомплицирана).
„Во Словенија платите се највисоки, таму е и најскапо, а во Македонија се најниски – затоа тука е најевтино“
Иако преку одговор на одредени коментари во текот на објавувањето го презентирав моето објаснување за присутните разлики во цени меѓу за истоветни производи на просторите на поранешната СФРЈ, сепак на читателите, како економист, им должам одговор. Ќе започнам со цитирање на еден коментар што го добив уште од почетокот, доставен од профилот @princeps2505:
„Цената на храната зависи од 6 работи: суровина, пакување и процесирање, превоз, профит, ДДВ и плати на вработените. Првите три се исти за сите. Профитот е различен врз основа на кој маркет го продава. ДДВ-то го одредува државата, ама скоро кај сите е исти, со минимална разлика. Остануваат само платите на вработените кои се различни во сите земји. Затоа што во Словенија се највисоки, таму е и најскапо, а зашто во Македонија се најниски тука е најевтино“.
Намерно се послужив со туѓо мислење, од причина што моиоте укажувања за потребата од умерено зголемување на платите, во услови на опаѓачка или стагнантна продуктивност во економијата, често се предмет на критики во јавноста.
Се согласувам дека разликите во платите, како компонента на трошоците, се првиот фактор за разликите во продажните цени од нашите примери.
Второ, во државите со повисок БДП по глава на жител, цените на деловниот простор, а со тоа и закупнините како трошок се повисоки во споредба со земјите со понизок доход.
Трето, кај поразвиените на страната на побарувачката е поголема куповната моќ на населението, што им овозможува на трговците во крајната цена да вкалкулираат повисоки маржи.
Четврто, може да има улога и структурата на пазарот од аспект на конкуренцијата меѓу трговците. Иако во случајот на Македонија често може да се слушне дека наводно конкуренцијата во оваа сфера била пригушена, се чини дека во споредба со сите други држави со кои се правени споредби во цените – Србија, Хрватска и Словенија – кај нас е најмала концентрацијата во дејноста, а со тоа е најсилна и конкуренцијата меѓу нив. Лично верувам дека во спротивно ние би биле соочени со уште повисоки цени од постојните.
Петто, како што можеше да се забележи во сите случаи, вклучително и со цената на кремот „Бекутан“ на домашниот, македонски пазар, како по правило домашните производи во земјата на потекло се продаваат по релативно повисоки цени во споредба со пазарите во околните земји. На овој феномен укажаа и повеќе читатели на моите објави, наведувајќи низа примери.
Во недостиг на посериозни релевантни истражувања, ќе ја изнесам сопствената хипотеза. Имено, можеби станува збор за заштита, официјална преку системот на царини, или неофицијална, преку убедувања меѓу државните органи и производителите од една страна и домашните трговци, од друга, за потребата од заштита на сопственото производство преку ограничување на увозот од страна. Кога станува збор за примерите на производи од Словенија, Хрватска и Србија, наведени во почетокот од овој текст, кај нас увозот на овој тип храна е либерализиран, затоа што немаме сопствено производство.
Стандардот во Србија е повисок од тој во Македонија не за една четвртина, како што се мисли, туку само за 7-8%
На крај, да се осврнеме на вечната тема од интерес за нашите граѓани, разликите во животниот стандард со соседните земји. Ќе се задржам на примерот со соседна Србија, од причина што споредбата со Хрватска и Словенија, иако релевантна за нас, е несоодветна, поради тоа што станува збор за земји-членки на ЕУ.
Според последните релевантни статистички показатели, Србија има за 22% повисок бруто домашен производ по глава на жител од Македонија, 7.736 американски долари наспроти 6.350 кај нас. Но, ако се споредува според куповната моќ, односно БДП изразен низ паритетот на куповни сили (PPP – Purchasing Power Parity), разликата во полза на Србија е значително помала и изнесува околу 4,7%. Ова се должи на во просек пониското ниво на цени кај нас во споредба со нивото на цени во Србија.
Кај платите во јули, во Македонија просечната нето плата изразена во евра изнесува 667 евра, а во Србија 838 евра, односно е повисока од македонската за 25,6%. По аналогија, поради повисокото ниво на цени во Србија, стандардот во просек не е повисок за една четвртина, туку за 7-8%, што не е за потценување! Знаеме дека во периодот 2017-2024 година економијата на Србија растеше со значително повисока стапка од нашата.
Произлегува заклучокот дека економскиот раст е основа за зголемување на животниот стандард на граѓаните. Се постигнува со помош на три фактори: капитал, квалитетна работна сила и примена на современи технологии во економијата. Покрај домашното штедење и инвестирање, треба да увезуваме капитал и нови технологии, а да инвестираме и да ги задржиме дома сопствените работници.