ЗОШТО БРЗО И ДИГИТАЛНО КОГА МОЖЕ НЕРВОЗНО И НА ХАРТИЈА? Висат по шалтери за документ што можат да го извадат со еден клик

Од Управата за водење на матични книги уверуваат дека станува збор за краткотраен застој во дистрибуцијата, предизвикан од летните одмори и зголемената побарувачка за еднојазични документи и ги упатуваат граѓаните да ги користат дигитализираните услуги.

1,113

Жителите на Битола и на Прилеп неколку денови се соочуваат со необичен проблем – не можат да добијат Извод од матичната книга на родените, затоа што, како што посочуваат, од Управата за водење на матични книги им рекле дека „нема хартија за печатење“.

Граѓаните од двата најголеми града во пелагонискиот регион, револтирани, потенцираат дека ова создава дополнителни бариери, особено во ситуации кога документот мора да биде понов од 6 месеци за завршување на важни административни процедури.






Плусинфо стапи во контакт со Управата за водење на матични книги, од каде што, пак, тврдат дека не станува збор за недостиг на хартија, туку за организациски пропуст во дистрибуцијата, најмногу предизвикан од летните одмори и намалениот број на присутни вработени во овој период.

– Во прашање е мал застој при дистрибуција на специјалната хартија, што се должи на тоа дека е период на летни одмори, а дел од магацинерите не биле присутни за навремено да ги издадат потребните материјали до подрачните одделенија. Точно е дека во петокот снемало хартија, но веднаш било реагирано и прилепчани уште денеска ќе можат да ги вадат своите документи, иако ние инсистираме да го прават тоа по дигитален пат – велат од Управата.

Сепак, зад овој „мал застој“ се крие една посложена ситуација. Имено, како што објаснуваат од Управата, граѓаните имаат избор помеѓу двојазична и еднојазична форма на документот, но очигледно жителите на Битола претежно бараат еднојазичен документ. Тоа создало поголема потрошувачка на специфичната хартија за оваа верзија.

– Граѓаните можат да добијат извод во двојазична верзија, за што има доволно хартија, или да се префрлат на дигитална верзија, која ние ја промовираме бидејќи е брза, ефикасна и не создава вакви застои – велат од Управата за Плусинфо.

Иако Управата упорно промовира дигитализација, очигледно е дека граѓаните сè уште се навикнати и претпочитаат документи испечатени на хартија, што укажува на потребата од поголема информираност, доверба и функционалност на електронските услуги.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски неодамна истакна дека дигитализацијата во Македонија не е проект сам по себе, туку е суштинска трансформација на институциите и на општеството.

– Не дигитализираме поради тоа што е во тренд. Дигитализираме заради функционалност, борба против корупцијата, достоинство и еднаквост. За вработените да не треба да земат слободен ден од работа за да извадат извод. За фирмите што заслужуваат потврди без да платат мито. За сите граѓани кои имаат право на брза, правична и достапна услуга – истакна Андоновски.

Поврзани содржини