ЗОШТО БЕСИМИ ПОКРЕНА ДЕБАТА? Прогресивниот данок на Тевдовски и данокот на штедни влогови стапуваат на сила од 1 јануари 2023
Министерот за финансии вели: сакаме да се дискутира за тоа и затоа го ставаме на маса.
Министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за МИА потсетува на одложените законски измени кои стапуваат на сила од 1 јануари следната година- прогресивниот данок на Драган Тевдовски и данокот на штедни влогови за кои Министерството за финансии покрена дебата.
Бесими вели дека и без дебата овие законски решенија ќе стапат на сила во одложениот рок.
– Имаме законски решенија кои стапуваат на сила од 1 јануари 2023 година – тоа е прогресивниот данок каде што над милион денари годишно се одданочуваат со 18 отсто и 15 отсто е ставка на сите други доходи врз основа на данокот на личен доход – дали од капитал или од добивка или други основи. Тоа е законското решение. И да не отвориме дебата, тоа стапува на сила. И кога зборуваме за данокот на камати на депозити, сакам да кажам дека и да немавме дебата и ако ништо не правевме како Министерство, од 1 јануари 2023 година тоа стапува на сила. Имаме законско решение кое уште во 1996 година е донесено во нашето законодавство за да се оданочуваат каматите на депозитите. Тоа неколку пати е прологирано и сегашното решение од јануари 2023 година стапува на сила. Но, ние сакаме да се дискутира за тоа и затоа го ставаме на маса – вели Бесими.
Во однос на предлогот да се оданочуваат каматите на депозитите, Бесими појаснува дека предлогот е да се оданочуваат само орочените депозити на 12 месеци, притоа посочувајќи дека се работи за мала сума на пари.
– Предлог решението за каматите за депозитите се однесува само на орочените депозити на 12 месеци. И во другите земји во Европа и регионот тоа се оданочува. На пример, во Хрватска со 10 проценти, во Словенија со 27 проценти, во Унгарија и во Словачка со 18 и со 20 проценти. Се работи за мал износ на средства. Така, ако некој има депозит од 100 илјади денари орочен на 12 месеци, тогаш на каматата од 1000 денари, данокот би бил 100 денари. Значи, на 100 илјади депозит годишно, оданочувањето би било 100 денари -вели Бесими.
Со ваквиот предлог, Бесими не очекува да дојде до одлевање на депозитите од банките.