Зошто Америка се откажува од светот, НАТО и Европа
Вашингтон ќе инвестира во фрагментација на ЕУ за да ја дерегулира, да ги искористи нејзините ресурси и да ја направи помалку политички обединета. Од тој аспект за САД значењето на НАТО е завршено.
Деновиве американскиот потпретседател Џеј Ди Венс упати една директна порака до Европа изјавувајќи дека Америка не сака континент вазал. Тој воедно додаде: „Не мислам дека ако Европа е понезависна тоа е лошо за Соединетите Држави – тоа е добро за Соединетите Држави“. Коментарите на Венс пристигнуваат додека администрацијата на претседателот Доналд Трамп постојано ги прозива европските престолнини поради нивното претерано потпирање на американската воена моќ за сопствена одбрана, додека постојано навестува дека САД нема да им помогнат на сојузниците во НАТО кои не инвестираат во сопствената безбедност. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет, исто така, предупреди дека американското воено присуство во Европа не е „вечно“, пишува Ивор Мицковски за Дојче веле.
Со овие изјави Венс упати и една индиректна порака поврзана со судбината на НАТО. Односно, дека новата американска влада се повлекува од атлантскиот брак со премногуте европски невести, ниту пак дека премногу ќе се заљуби ако 30-те и плус членки на НАТО или ЕУ одеднаш се претворат во една единствена невеста, метафизички наречена Европа. Простата причина за ваквото американско однесување произлегува од прозаичниот факт што САД не ги вреднува подеднакво сите свои сојузници. Со други зборови, Скопје, Подгорица, Талин или Рига, не вредат ни приближно колку Лондон, Париз, Берлин или Рим.
Вистински револуционерниот аспект на вториот мандат на Трамп лежи во фактот што се откажува од империјалниот универзализам со цел да ја ограничи и спаси Америка. Тоа е епохалната промена која предвидува дека САД ќе ја напуштат својата морална супериорност со која од моментот на своето раѓање ја оправдуваат и одржуваат сопствената моќ и контрола над светот. Моќ особено присутна од 1945-та наваму, кога Америка го создава и својот светски поредок и му го нуди на остатокот од светот. Денес, истоштена и уморена, Америка не сака повеќе да биде гарант на меѓународниот систем. Притоа смета дека со цел да се спаси, треба да се нападне постоечкиот либерален естаблишмент, кој го нарекува режим и кој е обвинет дека ја одвел Америка на погрешен пат. Наместо тоа, Трамп и неговите веруваат дека Америка треба да го искористи тоа малку што останува од Империјата со цел да приграбат ресурси, да ги редифинираат своите географски интереси и приоритети и да се помират со главните ривали, со цел да купат време за реконструирање на својата индустриска, технолошка и воена сила.
Вистински револуционерниот аспект на вториот мандат на Трамп лежи во фактот што се откажува од империјалниот универзализам со цел да ја ограничи и спаси Америка.Фотографија: IMAGO/Newscom/GDA
Проблемот е што Америка на Трамп оваа епохална револуција ја спроведува на мошне брутален и директен начин, без очигледна стратегија и јасна финална цел која би ја разбрале сите чинители дома или во странство. Обидот нагло да се трансформира Америка, што на домашен, што на надворешен план, неизбежно создава длабоки контрадикции. Но, и покрај тоа може да се нотираат неколку јасни премиси на кои ќе се базира Трамповата политика.
Америка денес прифаќа мултиполарен свет
Првата е дека светот повеќе не може да биде предводен од една единствена сила. Светот е премногу хаотичен и комплексен за да биде раководен од еден центар на моќ. Оттука, Америка не може да биде глобалната власт и да ги решава сите проблеми на планетата. Затоа Америка денес прифаќа мултиполарен свет, затоа што нејзина нова цел не е да одржува хегемонија, туку да го заштити својот примат. Америка ќе се адаптира на свет составен од повеќе империи или сили кои опортунистички ги остваруваат сопствените интереси. Америка не треба да биде системот, туку да биде дел од системот.
Меѓународниот поредок од „Вилсоновска“ традиција потфрли и ја оштети Америка. Според Трамп, глобализацијата го осиромаши тој што требаше да доминира, односно Америка, додека го збогати тој што требаше да биде искористен, односно Кина. Така се уништи средната класа, земјата се деиндустрилизираше и разви опасни зависности од сопствените непријатели и ривали. Воедно, за Трамп е недозволиво дека сојузниците нема да трошат на вооружување додека претендираат Америка да ги брани. Организациите произведени после Втората светска војна повеќе не функционираат поради променетите околности и односи на сила. Со други зборови, бранејќи го либерално-демократскиот поредок се создаде систем кој ги замени интересите на САД со оние на остатокот од човештвото.
Опасноста доаѓа одвнатре
За Трамп вистинската опасност не доаѓа однадвор, туку одвнатре. Квалитетот на живот на просечниот Американец е драстично влошен со што се изгуби и довербата во институциите. Емиграцијата е излезена од контрола, додека долгот има астрономски пропорции. Федералната власт е корумпирана од прескапата и неуставна бирократија. Елитата живее декадентно и надвор од стилот на живот на остатокот од земјата. Вокизмот и радикалите ги имаат освоено врвовите на американската култура, од медиумите до универзитетите, од администрацијата до корпорациите. Вистинскиот непријател за Трамп е либералниот прогресивизам, а не Кина. Приоритетот не е спасување на светот, туку на Америка.
Конечно, Америка на Трамп е свесна дека не може да војува. САД не може да води војна со ниедна сила од нејзин габарит. Веројатноста да не се победи во една војна со Кина е преголема и би донела ризик да се уништи американскиот воен примат. Трошоците во смисла на луѓе и крв би биле пострашни и од Втората светска војна, нешто што САД не може да си го дозволи ни материјално, ни демографски. Америка нема ниту муниција, ниту војници, ниту производни капацитети за една масовна војна. Оттука, војната треба да се избегнува на секој возможен начин, затоа што моќта на одвраќање повеќе не постои и САД повеќе не е во состојба кредибилно да им се заканува на противниците со употреба на сила.
За таа цел приоритетите на Америка се следните. Мора да се коегзистира со противниците. Кина не може воено да се победи, туку мора да се победи на полето на вештачката интелигенција и новата технолошка револуција. Внатрешниот либерален режим во САД мора да се промени. Универзитетите и бирократијата мора да се стават под контрола. Америка мора одново да се индустријализира додека финансирањето и редистрибуцијата на богатството кон светот и сојузниците мора да запрат. Америка мора повторно да се претвори во одбранбена тврдина, а односот со Кина да се ослободи од тајванското прашање. Мора да се воспостави мир со Русија и да се расформира НАТО.
За Америка значењето на НАТО е испразнето и завршено
И токму оваа последна точка за нас во Европа е најважна. Америка повеќе нема интерес да ја брани Европа доколку Русија повеќе не е непријател. Паралелно со тоа евроатлантската демократска сфера мора да се намали или да не се проширува. Вашингтон ќе инвестира во фрагментацијата на ЕУ со цел да ја дерегулира, да ги искористи нејзините преостанати ресурси и да ја направи помалку обединета од политички аспект. Од тој аспект за Америка значењето на НАТО е испразнето и завршено. На нејзино место ќе се роди нешто ново или друго. Од НАТО денес останува само нејзиниот костур, но фактички за Трамп и екипата Алијансата повеќе како и да не постои. Односно, не постојат обврските и особено членот 5 од Вашингтонскиот договор.
Америка за прв пат во својата историја паралелно ја менува својата надворешна политика и своите домашни институции. Како што кажавме сите овие чекори ги спроведува на брутално американски начин, со силни резови, создавајќи нови непријатели, казнувајќи ги старите сојузници и пријатели. Америка денес не сака повеќе вазали, затоа што тие ја чинат пари и би сакала сите да се претворат во нејзини клиенти со кои би правела подобри дилови.
Прашањето кое се наметнува е дали во обидот на Трамп да се запре американската империјална прераширеност и Америка од светски хегемон да се претвори во есенцијална национална држава, Вашингтон нема да се преигра и на двата фронта: да создаде само еден похаотичен свет, додека домашната револуција ќе се претвори во една перманентна војна против самите себе?!