Зоран на Заев му е совршено алиби за секој гаф
Никој не може да го одбрани Заев подобро од тоа кога се брани самиот. Да, тоа е како космодиск - изгледа шашаво, ама функционира.
Кога зборува Зоран Заев, никој со сигурност не може да каже што мисли овој човек, дали е искрен и колку неговите зборови кореспондираат со она што најчесто го подразбираме под поимот вистина.
Сè е релативно. Еден е Ајнштајн, Зоран е Цвајштајн.
На пример, кога Заев јавно, со свои зборови, ќе предложи да се формира влада на националниот спас, со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ во неа, ама без Мицкоски и без него ако мора, не треба тоа да се зема здраво за готово. Добро, да не знаете за неверојатната способност на овој човек за релативизирање на кажаното, би рекле дека практично е невозможно еден ваков исказ да се промени преку ноќ и на начин што ќе ве спречи говорникот да го прогласите за обичен лажго. Но, после толку лупинзи, зарем уште ќе се вадиме на незнаење?
По дводневната изложеност на жестоки критики, пред сè од луѓето од неговиот табор, Заев ја врти плочата – сега вели дека не предложил никаква коалиција, споделил идеја за која требало допрва да се дискутира, сакал народот да се здуши малку, за танго се потребни двајца а за оро јајца… Добро, не рече „јајца”, рече „повеќе”. Па кој да запомни сè што кажал, секој ден има нов гаф.
Еве друг пример. Сите убаво слушнавме и разбравме дека авансот што го уплатила македонската влада за набавка на кинеските вакцини ни бил вратен. Заев тогаш даде и „логично” објаснување: „Не е добро парите да стојат на странска сметка додека е во тек процедурата. Ќе чекаме прво да заврши постапката, па ќе ги уплатиме парите”.
Се упецавте, а? Еве, јас признавам дека се упецав. Беше некако сомнително тоа со враќањето на авансот, ама си реков – ма не би мателе нешто со ваксајнс, па не знам какви да се!
Сега, откако се дозна вистината, дека владата се обидела вакцините од Кина да ги набави преку непозната фирма од Хонг Конг, добивме и ново „објаснување” дека авансот не бил вратен, туку дека бил повлечен. Откако во владата сфатиле дека „каналот” не им чини. Кој знае што сè уште не ќе разбереме, додека не се „канализира” зделката…
Така е тоа кога вакцини се бараат по тајни служби. Како МИ-6, прецизираше премиерот, веројатно со намера да нè импресионира. Ало МИ-6, сите сте ми денеска убави, агентите и агентките, посебно агентките, да фрлиме малку шмек во муабетов, има ли некаде ваксајнс да се купат?
Додека во медиумите и на социјалните мрежи урнебесно се коментира овој гаф, јас со нетрпение чекам Заев самиот да објасни со кои тајни служби контактирал, кога и како. Директно или преку пранкери? Мора ние нешто погрешно да сме разбрале, Заевата интерпретација сигурно ќе биде позабавна од кажаното.
Многу луѓе добронамерно прашуваат има ли Заев советници за односи со јавноста, зошто не го советуваат што и како да зборува и што воопшто работат тие. Има Заев советници и јас мислам дека одлично си ја вршат работата. Тие знаат дека никој не може да го одбрани Заев подобро од тоа кога се брани самиот. Да, тоа е како космодиск – изгледа шашаво, ама функционира.
Едноставно, Заев е како оној јунак од вицот, кој оди на психијатар да се пожали дека има голем проблем, проблемот е тоа што никој веќе не го сфаќа сериозно, а лекарот се смее и му вели: „Ма дај не заебавај!”
Вака или онака, Заев има алиби за секоја грешка и за секој гаф. Самиот тој е алиби. И тоа совршено.