ЗОРАН КЕСИЌ НА ПРОМОЦИЈА НА ИНИЦИЈАТИВАТА „ЗАМИСЛИ“ Политиката е преважна за да им ја оставиме на партиите, велат иницијаторите

Од денеска, граѓанската сила Замисли ќе биде отворена за сите добронамерници кои сакаат да се ангажираат за општото добро без притоа да очекуваат директна лична корист – пишува Никола Димитров во најавата.

711

Српскиот актер, водител и комичар Зоран Кесиќ вечерва во Скопје ќе учествува на промоција на платформата на новата граѓанска, непартиска иницијатива „Замисли“, покрената од движењето „Солуција“ предводено од поранешниот министер за надворешни работи и дипломат Никола Димитров.

Димитров на својата фејсбук-страница објави најава на настанот кој ќе се одржи вчерва во хотелот „Дабл Три“ во населба Аеродром.






„Солуција” со поддршка на Европската фондација за демократија, со големо задоволство денеска презентира нова граѓанска, мултиетничка и прогресивна сила што ќе се бори за една поинаква Македонија.

„Замисли” е составена од граѓани, сите истакнати и докажани во својата област, млади луѓе со врвно образование, борци и активисти, дел познати, дел сосема нови за македонската јавност, а сите со заеднички став – дека политиката е преважна за да им биде оставена само на партиите.

„Замисли” ќе биде исклучиво граѓанска, непартиска иницијатива, без никакви амбиции да учествува на избори или да дојде до дел од колачот”, но и тоа како со амбиции, волја, знаење и смелост да замисли, да создаде решенија за најгорливите проблеми во сите клучни области и да се залага за нивно спроведување.

Нашето лого е инспирирано од цвеќето пркос, а на него се претставени граѓани, обединети околу една идеја. Мотивот е традиционален вез и филигран, оти патриотизмот нема да им го оставиме на оние кои земјата ја сакаат само како плен.

Од денеска, граѓанската сила Замисли ќе биде отворена за сите добронамерници кои сакаат да се ангажираат за општото добро без притоа да очекуваат директна лична корист.

Ќе замислите и вие и ќе помогнете да се бориме за вистински луѓе на вистински места, за туркање на партиите таму каде што им е местото – натпревар на политики, наместо заробување на институциите – за создавање на сериозна граѓанска инфраструктура што ќе обедини, промовира и ќе поддржи граѓански притисок кон сѐ што е спротивно на јавниот интерес.

Исклучително ни е драго што стартот на оваа нова страница за македонскиот граѓански активизам вечерва ќе го прославиме со нашиот специјален гостин и мој драг пријател – Зоран Кесиќ, кој ќе дојде на промоцијата на платформата и граѓаните вклучени во Замисли.

Тој самиот низ своето шоу со одлична сатира е совршен пример за тоа што значи политички ангажиран и одговорен граѓанин“ – се вели во објавата на Никола Димитров.

 

Поврзани содржини