ЗООЛОШКАТА ГО ПРЕКРШИЛА ЗАКОНОТ Повикана била полиција поради човек кој лажно се претставил дека работи во градската администрација

Сомнежите за тоа дали ЗОО Скопје е извор на бактерии или вируси, дали е постапувано и досега согласно Законските прописи, угинувањето на многу животни за краток временски период и низата нерегуларности ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

555

ЗОО Скопје не постапила по законските процедури, според кои е должна секој сомнеж за заразна болест задолжително да го пријави до надлежниот ветеринар, соопшти денеска Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

„ЗОО Скопје, иако детектирала угинато животно на ден 14.10.2024 година, не постапила по законски процедури, според кои се должни секој сомнеж за заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар согласно Член 50 на (Закон за ветеринарно здравство бр.113/2007; бр.24/11; 136/11; 123/12;154/15 и 53/16), па прекршувајки ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15.10.2024 година. На ден 18.10.2024 година, за жал на сите нас е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на вирусот на авијарна инфлуенца – птичји грип, сој H5N1 кај гуска. И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи, не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно постапила спротивно на член 4 од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца бр 161/2016, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, односно во што е можно пократок рок до АХВ“, се наведува во соопштението.






За да ги демантираме во целост информациите од различните портали, коментари и од ЗОО Скопје, како и правично да ја информираме јавноста, се додава во соопштението, јасно кажуваме дека ветеринарната дејност од јавен интерес на територијата на Република Македонија, ја спроведува Државнa ветеринарна служба во соработка со други органи и институции, преку Агенцијата, директорот и референтна лабораторија која работи за потребите на Агенцијата врз основа на договор.

На 19 ноември 2024 година, надлежниот официјален ветеринар од АХВ, заедно со Раководителот на СЗЗБЖ, овластен од страна на ВД Директорот, д-р Оливер Миланов, извршил вонреден инспекциски надзор во ЗОО Скопје.

„Притоа, во одгледувалиштето на ЗОО Скопје официјалниот ветеринар донесе забрана за влез на посетители, забрана на пристап до езерцето во кое била пронајдена угинатата птица, со исклучок на тројца вработени кои со полна заштитна опрема вршеа убивање и манипулација со птиците. Земање, пакување и испраќање примероци за лабораториски тестирања согласно дијагностичкиот протокол од Правилникот за мерки за сузбивање и искоренување на болеста авијарна инфлуенца; чистење и дезинфекција на просторот околу езерцето во која зона се движат овој вид на птици; забрана за движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето. Се задолжи надлежната ветеринарна служба задолжително да врши пријавување на промени на здравствената состојба на живината и на дивите птици до надлежниот официјален ветеринар и на примена на биосигурностните мерки при спроведување на сите активности“, соопшти АХВ.

Дополнително, се посочува во соопштението, официјалниот ветеринар при вршењето на своите задачи може да побара асистенција од овластено лице од Министерството за внатрешни работи.

„За жал побарана е асистенција поради присуство на лице кое се претставило дека е вработено во градската администрација и истото ја попречуваше работата на инспекциските служби и за чие дело МВР има записник. Но, мора да се заблагодариме на вработените лица во ЗОО Скопје кои несебично ни дадоа полна поддршка и земаа активно учество во спроведување на наредените мерки. АХВ работи во служба на граѓаните и ќе се залагаме да се постават стандарите на нашето општество на највисоко ниво, ЗОО Скопје ни е едно од најпосетените места од најмладите посетители, а децата и нивното здравје е фокус за градење на здраво општество“, пишува во соопштението.

Директорот на АХВ во соопштението тврди дека донел Решение за прогласување на болеста високо патогена авијарна инфлуенца кај птиците и наредување на заштитни и контролни мерки. Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето, тврди тој, се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи и коментарите по истите не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото.

„Сомнежите за тоа дали ЗОО Скопје е извор на бактерии или вируси, дали е постапувано и досега согласно законските прописи, угинувањето на многу животни за краток временски период и низата нерегуларности ќе бидат предмет на дополнителни истражувања од надлежните органи. Како директор на АХВ ве уверувам и апелирам да верувате во стручните служби бидејќи носиме и имплементираме законски и подзаконски акти кои ги штитат здравјето на животните, благосостојбата на животните и заштита на здравјето на луѓето. Во наредниот период ќе бидете известени за сите наши мерки и активности“, се појаснува во соопштението на АХВ.

Единствената и примарна цел на АХВ, се вели во соопштението, е да обезбеди постојана грижа за заштита на здравјето на животни и нивната благосостојба и постојана грижа за заштита на здравјето на луѓето од болести, кои се пренесуваат од животни, и болести кои се пренесуваат преку храна.

Поврзани содржини