ЗООЛОШКА НЕ МОЖЕ ДА ИЗБЕРЕ ДИРЕКТОР ЗАШТО ОСТАНАЛА БЕЗ УПРАВЕН ОДБОР Кога го распишала Конкурсот Арсовска не знаела за тоа

В.д. директорот Зоран Попов го известил Градот за оваа ситуација и побарал итно да се изберат нови членови за да се овозможи нормално функционирање на Установата.

3,165

Скопската зоолошка градина не може да избере нов директор и покрај тоа што објави Конкурс, затоа што нема Управен одбор.
Откако двајца членови на Управниот одбор биле именувани на други функции, останал само еден член, кој не може да решава за објавениот конкурс. Така што, проблемот со изборот на нов директор на Зоолошката сега е продлабочен.

– Законот утврдува на кој начин се прави тоа, односно Управниот одбор е тој кој треба да го направи првиот чекор, пред документите да бидат доставени и разгледани во Градот, така што тоа го чекаме од Управниот одбор на институцијата – рече  градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, вчера одговарајќи на новинарско прашање.






В.д. директорот Зоран Попов го известил Градот за оваа ситуација и побарал итно да се изберат нови членови за да се овозможи нормално функционирање на Установата. Тој за „Фокус“ вели дека Арсовска не можела да знае дека двајца членови од ОУ ќе бидат назначени за директори на други установи, бидејќи нивното назначување се случило неколку дена откако бил распишан огласот за нов директор и дека не станува збор за никакви намерни опструкции.

Како што објави Мета, членката на УО на Зоолошка градина, Розета Влаховиќ била именувана за в.д. директор на Јавна установа Детски дом „11-Октомври“ Скопје, а претседателот на УО, Јовица Никчевски, дал оставка оти бил именуван за в.д. директор на НУ Универзитетска библиотека „Климент Охридски“ – Скопје.

Поранешениот директор, Ѓорѓи Галетановски, е единствен пријавен кандидат на конкурсот кој најверојатно ќе биде поништен.

Тој најави дека ќе се пријави и на следниот конкурс за директор на Зоолошката градина доколку се објави.

 

 

Поврзани содржини