ЗОО СКОПЈЕ СЕ ОТВОРА В САБОТА По паузата поради птичји грип, градината пак ќе прими посетители
Зоолошката градина беше привремено затворена на 21 ден, откако беше потврден случај на птичји грип кај дива гуска која долетала во нејзиниот простор.
По тринеделна пауза, Зоолошката градина во Скопје повторно ќе ги отвори вратите за посетителите од оваа сабота, 9 ноември, со работно време од 9 до 17 часот. Веста беше соопштена преку официјалната страница на Зоо Скопје.
„Ве известуваме дека од оваа сабота Зоолошката градина ќе биде отворена за посетители со редовно работно време. Да уживаме заедно во убавите есенски и сончеви денови, ве очекуваме“, објавија од Зоо Скопје на Фејсбук.
Зоолошката градина беше привремено затворена на 21 ден, откако беше потврден случај на птичји грип кај дива гуска која долетала во нејзиниот простор.
„Од страна на надлежен официјален ветеринар спроведен е надзор во Зоолошката градина и наредени се мерки за надзор на болеста. Извршено е хумано убивање и нештетно отстранување на следните видови птици: 24 патки, 6 гуски, 5 кокошки и една чавка, која била присутна на локацијата“, соопштија тогаш од АХВ.
Негативни на птичји грип беа вработените во Зоо Скопје, како и една посетителка која се пријавила за тестирање.