ЗОО СКОПЈЕ ДОЖИВУВА ЦЕЛОСНА ТРАНСФОРМАЦИЈА Ѓорѓиевски најавува едукативен и хуман центар
Со новата стратегија се предвидува едукација, прифатилиште за ранливи видови, европски стандарди и целосна модернизација на ЗОО Скопје.
Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современ центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при презентацијата на новата Стратегија за развој на установата.
Според Ѓорѓиевски, стратегијата носи јасна визија за напуштање на концептот на зоолошка градина како исклучиво забавна содржина и нејзино претворање во „училница на отворено“, каде децата и посетителите ќе стекнуваат знаење, еколошка свест и емпатија кон животната средина.
– Нашата цел е Зоолошката градина да стане место каде децата нема да заминуваат само со фотографии, туку и со разбирање за природата и одговорноста кон животните. Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот – истакна Ѓорѓиевски.
Клучен сегмент од стратегијата е трансформацијата на Зоолошката градина во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови за животните кои не можат самостојно да опстанат во дивината.
Во документот е предвидено и целосно усогласување со строгите стандарди на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (EAZA), со цел полноправно членство, што подразбира високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки безбедносни и еколошки норми.
Дополнително, стратегијата опфаќа и целосна модернизација на Зоолошката градина, подобрување на условите за животните, посетителите и вработените, воведување енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за деца со посебни потреби.
– Ова е амбициозна, но неопходна визија. Затоа ги повикувам институциите, граѓанскиот сектор и бизнис-заедницата активно да се вклучат во нејзината реализација – порача Ѓорѓиевски.