Зонско паркирање во Карпош 1 и 2, велат од Општината
Од Општина Карпош велат дека и во рамките на онлајн анкетата за креирање на буџетот за наредната година, граѓаните како проблем го посочуваат недостигот на паркинг места.
Oпштина Карпош сепак ќе воведе зонско паркирање, а како што коментираат од општината, затоа што анкетите покажале дека граѓаните го сакаат тоа.
Според најавите ќе се воведе зонско паркирање во скопските населби Карпош 1 и Карпош 2. Од Општина Карпош велат дека и во рамките на онлајн анкетата за креирање на буџетот за наредната година, граѓаните како проблем го посочуваат недостигот на паркинг места.
– Локалната самоуправа во текот на 2020 спроведе анкети во Карпош 1 и Карпош 2, како населби кои се најзасегнати од ова прашање. Доминираат одговори за воведување на зонско паркирање, по што во тек се координативни активности со ЈП „Градски паркинг“ за спроведување на регулација на паркингот – стои во соопштението од Општина Карпош.
Карпош веќе трета година по ред им овозможува на своите сограѓани да учествуваат во креирање на Буџетот на Општината. Во таа насока, локалната самоуправа на социјалните мрежи постави анкетен прашалник на кој карпошани можат да ги даваат своите предлози, според кои ќе се формира Општинскиот Буџет за 2021 година. До овој момент, прашалникот го пополниле 410 граѓани, а истиот ќе биде активен до среда (03.12.2020), на следниов линк: https://bit.ly/3fHirpJ.