ЗОИ БЕЗ НИТУ ЕДЕН ДОПИНГ СЛУЧАЈ Тестирани на 2.000 натпреварувачи во Милано и Кортина
Ниту еден од над 2.000 учесници на ЗОИ 2026 не добил позитивен допинг тест, што претставува историски момент од 1998 година.
Зимските олимписки игри што се одржаа оваа година во Милано и Кортина бележат историски момент – ниту еден случај на прекршување на антидопинг правилата не е регистриран, објави денеска Би-Би-Си.
Според податоците, повеќе од 3.000 примероци биле собрани од речиси 2.000 учесници на ЗОИ 2026, одржани во февруари, при што не е пријавен ниту еден позитивен допинг тест. Ова се првите Зимски олимписки игри од Игрите во Нагано во 1998 година на кои не е забележан позитивен случај.
Меѓународната агенција за тестирање претходно објави дека 92% од натпреварувачите биле тестирани барем еднаш во периодот од шест месеци пред почетокот на Игрите. Генералниот директор на агенцијата, Бенџамин Коен, ја опиша оваа иницијатива како „најобемната програма што некогаш е преземена“.
Оваа историска статистика се смета за голем успех во борбата против допингот и потврдува дека современите спортски настани можат да се одржат со високи стандарди на интегритет и фер-плеј.