ЗНМ ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРЕТСТАВКА ДО МВР „Полицајци спречиле новинар да известува од место во ЈП Комунална хигиена“
Полициските службеници ме тргнаа на страна под оправдување дека таму бил периметарот на безбедност, иако јас им укажав неколку пати дека на местото каде што ми наредија да одам не можам да имам добар кадар за снимање”, рекол Бајрами за случката, велат од ЗНМ и реагираат дека со ова полициските службеници го прекршиле правото на новинарот да известува од јавен простор за теми кои се од интерес за граѓаните.
Здружението на новинарите на Македонија – ЗНМ ќе поднесе претставка до МВР за попречување на новинар при вршење на професионална работа од страна на полициски службеник. ЗНМ вели дека новинарот Суад Бајрами од Порталб.мк не бил во можност да ја извршува својата работна задача односно да снима во моменто кога интервенирала специјалната единица.
Здружението реагира:
„Според пријавата до ЗНМ од страна на колегата Бајрами, тој вчера вечер бил присутен на јавен простор во кругот на ЈП Комунална хигиена да известува за актуелна тема, но не можел да го стори тоа, бидејќи полициските претставници се однесувале непрофесионално кон него, односно му попречиле да ја врши работата.
,,Полициските службеници ме тргнаа на страна под оправдување дека таму бил периметарот на безбедност, иако јас им укажав неколку пати дека на местото каде што ми наредија да одам не можам да имам добар кадар за снимање” ни укажа Бајрами.
ЗНМ смета дека со оваа постапка полициските службеници не се однесувале професионално и го прекршиле правото на новинарот да известува од јавен простор за теми кои се од интерес на граѓаните.
ЗНМ како еснафска организација која ги штити правата и интересите на новинарите и медиумските работници во земјава дава целосна поддршка на колегата Бајрами и во консултација со адвокатскиот тим ќе биде поднесена претставка до Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР“, се вели во прогласот на ЗНМ.