Знамиња

Времето на националистичките превирања од првите децении на минатиот век, на комплексниот спој на хрватски, српски, словенски, југословенски, јужнословенски… национализими, сега е уситнето, разбиено на двокомпонентни локални национализми, во случајот на албанскиот и македонскиот како (дали?) катализатор на коекакви сулуди политички, поточно политикантски, идеи на „лидерите“.

863

Последниот роман на генијалниот Крлежа го носи токму насловот „Знамиња“ (пишуван долго време, 1962-1976) и тематски поврзан, како коинциденција, со последниве случувања во Скопје и којзнае кое по ред дивеење на национализмот. Но во историјата како баш и да нема случајности и конциденции.

Времето на националистичките превирања од првите децении на минатиот век, на комплексниот спој на хрватски, српски, словенски, југословенски, јужнословенски… национализими, сега е уситнето, разбиено на двокомпонентни локални национализми, во случајот на албанскиот и македонскиот како (дали?) катализатор на коекакви сулуди политички, поточно политикантски, идеи на „лидерите“.






Зашто, ние можеме да се лажеме уште сто години, но (и) национализмот е директен производ на неизживеаните политичари – поточно политиканти – кои од него и за него живеат, сонуваат, болуваат… Несреќни луѓе, како што вели Матвеевиќ, но луѓе кои зад себе влечат орди задоени со зла крв, со знамиња што глумат политички идеи во чијашто основа, како проблем, секогаш лежи – другиот. Другиот како причина за нивните порази и неуспеси, за некоја и некаква непрежалена „историја“, за некое недефинирано минато или за неисполнети соништа. Тој и таков национализам стана наш постојан придружник од 1992 година наваму. Не дека го немаше и претходно, но во многу помали дози. И со него се расчистуваше бескомпромисно.

Се разбира, денес се поинакви времиња – времиња на компромиси, како што велат нашиве „познавачи“ на политиката. И компромиси се прават со сѐ: со криминалот, со корупцијата, со (не)моралот, со национализмот и неговите најлуди идеи… Но кога би останале само на „идеите“ а не и на насилните – често и крвави – националистички пирови.

Никаква утеха не е фактот дека национализмот и националистичките дивеења ги има речиси во сите земји во светот. Повеќе или помалку, во разни форми, некогаш ригидни а некогаш „цивилизирани“. Кај нас никогаш и ништо не е цивилизирано, зашто ако е такво тогаш недоволно го повредува другиот, не ја покажува омразата со сета барана сила, заради што манифестациите на национализмот мора да бидат груби, насилни, ако затреба и со примена на оружје и слични „прикладни“ средства. Секогаш е така, барем во Македонија.

Разликата помеѓу нас и другите е во тоа што во цивилизираните држави има стратегии и програми за спротивставување на тие појави. Кај нас и тоа што го има не се почитува. Напротив. Буквално секоја година по 2001-та, етничките и државните празници се бојно поле за ширење омраза и непочитување на другиот, на неговите симболи, чест и интегритет. И ни оддалеку немаме решение за тоа. Или – не го ни посакуваме? А и реакциите ни се секогаш исти: божем згрозување, божем чудење, барање итни реакции на надлежните државни органи…, понекогаш апсења и др. Чиста будалаштина зашто агресивниот, уништувачкиот национализам е секогаш програмиран, поттикнат, а често и наградуван, а „програмерите“ и инспираторите никој не ги гони!

Ние – односно многумина овде – на национализмот му пристапуваат „идеолошки“, партиски односно политички/политикантски, аматерски, дури (лажно) наивно. Па затоа и се осмелуваат да држат лекции дека „левицата“ кај нас влече „кон интегрирање на земјата во сојузот на западни демократии“ додека „десницата“ е за статус кво, односно дека „десницата“ стои „зад националистичка програма и реторика“, ама „левицата“ е за интегрирано општество? Па дури и дуи го сместуваат на – левица?! Но затоа цели партии (како ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН) ги именуваат како – „националистичките партии“ за „етнички чисто општество“!?

Се разбира, и тоа се програмирани политикантски „анализи“ коишто не водат сметка дека национализмот кај нас станува сведоштво за политичко-моралниот (рас)пад на општеството, за немоќта на политичките елити и интелигенцијата конструктивно да се справуваат со најгорливите проблеми во државата. Тој национализам и неговото одлесно и неуко сместување ваму или онаму се претвора во нечија главна политичка алатка, во зол предвесник на нови и продлабочени „недоразбирања“ како смртна опасност за самата држава. И произведува „херои“. Многумина профитираа(т) од него, но сите избегнуваат да ги именуваат главните извори/инспиратори на тој национализам!

И за да не биде залудно спомнувањето на Крлежа и неговите „Заставе“: „Кога Ниче говори за народот или народноста, нему тоа му се потези со креда преку таблата, прашања што се решаваат со сунѓер, со бришење на еден потег со кредата врз таблата, а кога ние разговараме за бездните на хрватско-српско-бугарско-словенско-југословенската – крањска – јужнословенско-словенска или сесловенска смеса, каква е таа непремостливост од денешна перспектива, а да се разговара за тоа вчера или завчера критички, значеше да се проповеда на глувонеми…“!

Времето за кое пишувал Крлежа е сместено некаде пред стотина години. И ние, за жал, и понатаму раговараме како глувонеми, често сами со себе односно без соговорник, а и тој кој би нѐ слушнал којзнае што би си помислил. Или би го нарекол, најбезобразно, онака како претседателот на Собранието: „туѓо“!

Е па затоа сме овде каде што сме.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини
na