„ЗНАМ НЕ НАПАЃА ПАРТИИ ВО ОПОЗИЦИЈА“ Димитриевски исклучил секаква соработка со актуелното раководство на СДСМ по изборите
Димитриевски исклучил каков било вид постизборна соработка со актуелното раководство на СДСМ, за коешто смета дека треба да понесе не само политичка одговорност, туки и кривична одговорност, заедно со добар дел од нивните коалициски партнери од ДУИ.
Ние како партија не прогласуваме мораториуми, бидејќи немаме намера и не напаѓаме политички субјекти кои се во опозиција , изјави кандидатот за претседател на државата од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, по денешните средби со граѓаните на Ѓорче Петров.
– Ние како партија не прогласуваме мораториуми, бидејќи немаме намера и не напаѓаме политички субјекти кои се во опозиција. Водиме позитивна кампања. Но, притоа сакам да истакнам дека денешнава состојба којашто е лоша и никогаш не била полоша во државата, е резултат на владеење на два политички субјекта од македонскиот блок и еден политички субјект од албанскиот блок, тоа е ДУИ. Ваквите повици не можат никого, ниту колективно, ниту индивидуално, да изземат од каков било вид одгворност во претходниот период на владеење – рече Димитриевски.
Прашан дали прифаќа национално обединување, Димитриевски одговори:
– Не да прифатам, ние како ЗНАМ први во државата излеговме со еден ваков повик и мило ми е што веќе има втор.
Тој објасни дека по втор пат се случува плагијат на идеја на ЗНАМ од ВМРО ДПМНЕ. Првиот со неговото решение во делот како да се надмине проблемот со уставните измени и со Бугарија и сега околу идејата за обединувањето.
– Ние директно работиме на дефинирање на македонските црвени линии и националната платформа на Македонците во државата. Мора да се обедииме како народ, без разлика на нашата политичка различност – рече тој и додаде дека исклучил каков било вид постизборна соработка со актуелното раководство на СДСМ, за коешто смета дека треба да понесе не само политичка одговорност, туки и кривична одговорност, заедно со добар дел од нивните коалициски партнери од ДУИ.
На констатацијата дали тоа значи дека е можна соработка со ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски одговори:
– Ние сме подготвевни во следниот период да делуваме, како што делуваме и сега, како независен субјект. Секако, ќе разговараме за идна соработка, но може ќе нѐ изненади и фактот на една општа коалиција. Во тој случај ЗНАМ ќе остане со граѓаните и ќе биде конструктивна опозиција – потенцира Димитриевски.
Караванот на претседателскиот кандидат на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Динитриевски, попладне и вечерва ќе биде во Велес и во Велешко.