ЗНАМ НА МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ ЌЕ УЧЕСТВУВА НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ Регистрирањето е завршено и покрај опструкциите, рече кумановскиот градоначалник

Димитриевски вели дека е во дилема дали самиот ќе се кандидира за претседател на Движењето ЗНАМ или ќе остане прв човек на Куманово, а на изборите очекува сериозен резултат.

627

Новоформираното „Движење ЗНАМ – За наша Македонија“ е официјално регистрирано како политички субјект и ќе учествува со свои кандидати на престојните претседателски и парламентарни избори, соопшти иницијаторот на движењето, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

Тој додаде дека при регистрацијата на движењето се соочиле со бројни опструкциите. Следува формирање општински ограноци во сите општини, а во текот на февруари или март наредната година и првиот Конгрес на партијата.






Димитриевски вели дека партијата политички ќе се позиционира во центарот, а во однос на социјалната политика ќе се ориентира кон лево. Новоформираната партија ќе се насочи на пет програмски цели: Македонија со висок степен на национална свест за зачувување на македонскиот јазик и идентитет; Правда и еднаквост достапна за сите; Македонија самоодржлива држава особено во делот на енергетиката, производството на храна и природните ресурси; Слобода и еднаквост и Меѓуетничка толеранција и соживот, односно мултиетничко, а не биетничко општество.

Димитриевски вели дека е во дилема дали самиот ќе се кандидира за претседател на Движењето ЗНАМ или ќе остане прв човек на Куманово, но нагласува дека одлуката ќе ја донесе во консултација со легитимните тела на партијата.

– Ова е голема лична дилема за мене бидејќи имам уште незавршени проекти кои сум ги ветил пред кумановци. Ќе размислувам што е приоритетно. Македонија е поголем приоритет од Куманово – посочи Димитриевски.

Тој е уверен дека неговата партија ќе постигне сериозен резултат на изборите.

На прашање за односите со Левица и дали во последно време имал комуникација со лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитриевски посочи дека стратешки приоритети за ЗНАМ се НАТО и ЕУ.

– Немаме друга алтернатива. Левица во тој поглед има поинакви ставови кои се дијаметрално спротивни на нашите. Со Ковачевски последен пат се видов во Куманово за прославата на 11 Октомври, а со Мицкоски подолго време не сум имал никаков контакт. Мислам дека тој должи објаснување за интензивните контакти со поранешниот премиер Заев. А како што знам, имало и средби помеѓу поранешен премиер од ВМРО-ДПМНЕ со актуелен претседател на СДСМ – рече Димитриевски

Во однос на уставните измени, Димитриевски вели дека останува на ставот оти нема ништо против тоа, но претходно да се исполнат некои услови.

– Не е проблем да се внесат Бугарите во Уставот, но мора да постои реципроцитет. Да постои документ кој ќе гарантира дека нема да се загрозат македонскиот идентитет и јазик, а уставните измени да стапат во сила по членството на Македонија во ЕУ – рече Димитриевски.

До првиот конгрес ЗНАМ ќе функционира со времени тела, односно Извршен и Надзорен одбор кои имаат по три избрани члена и претседател на партијата.

 

Поврзани содржини