ЗНАЧКАВА МИ ЈА ДАДЕ ПРЕМИЕРОТ НА АЛБАНИЈА, АКО МИ ДАДЕТЕ И ВИЕ, ЌЕ ЈА НОСАМ! Пратеникот Шакири доби македонска значка од Мицкоски и ја закачи до албанската

Обраќајќи му се на Шакири пратеникот Мицкоски рече дека тој како пратеник би дал добар пример за меѓуетнички соживот ако на реверот на своето одело има значка не само со албанско знаме, туку и со македонско.

406

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека осудува секаков вид говор на омраза вклучително и оној на етничка основа. Смета дека никој не треба да користи таков говор и оти од државните институции ќе побара најстроги санкции за тие кои ќе навредуваат по етничка основа.

– Во врска со какви било националистички испади, дали се тоа навивачки групи или што било друго, апсолутно ги осудувам. Апсолутно. И тука не треба да имате дилема, без разлика дали тоа доаѓа од една навивачка група кон друга или од друга кон трета или од трета кон четврта, од една етничка припадност кон друга и од друга кон трета и така натаму. Апсолутно не можам да прифатам навредување на основа на етничка припадност и јас тоа како човек сум го кажал и ќе продолжам да работам на негово спречување – рече Мицкоски во одговор на пратеничко прашање на пратеникот Ријад Шакири од Влен.






Обраќајќи му се на Шакири Мицкоски рече дека тој како пратеник би дал добар пример ако на реверот на своето одело има значка не само со албанско знаме, туку и со македонско.

– Да речеме, јас денеска би дошол со значка на која би ги имал двете знамиња, да речеме, не само албанското, туку и македонското. И тоа ќе е силна порака, но вие таа можност сте ја испуштиле. Сте дошле само со една значка, а тоа е албанската. Вие сте пратеник во македонскиот Парламент и плата добивате од Буџетот што го полнат сите граѓани на Македонија, без разлика на етничката припадност. Затоа можеби добра порака ќе беше тоа ако дојдете со една таква значка, но, вие таа можност ја пропуштивте – рече премиерот Мицкоски.

Премиерот додаде дека како Влада направиле многу работи за да ги релаксираат меѓуетничките односи во државата.

– Тоа и се случува. Морам да признаам овде пред вашите колеги пратеници дека кога бевте во коалиција со нас од ваша страна добивавме комплименти и пофалби дека тоа сме го направиле. Но, сега сте опозиција и мислите дека со ваков тип на пораки ќе добиете политички поени. Господине Ријад Шакири за мене е изненадувачки бидејќи сум имал за вас високо мислење, сум мислел дека сте ги надминале тие етнички прегратки и мислев дека навистина пошироко ги гледате работите. Се надевам дека ова што денеска го кажавте не го мислите и се надевам дека сте космополит човек во душата имајќи предвид дека многу пати сме разговарале лично и сум добил поинаков вчечаток. Се надевам дека следниот пат кога ќе поставувате прашање или кога ќе дојдете на работа во македонскиот Парламент, на значката покрај албанското знаме, кое е етничко знаме на народот на кој припаѓате, ќе го има и македонското, бидејќи од оваа држава добивате плата – истакна Мицкоски.

Пратеникот Шакири истакна дека е факт оти го носи својот национален симбол.

– Ова ми го даде премиерот на Албанија, кога вие ќе ми донесете значка со знамето на Република Северна Македонија на идната седница ќе го носам и тоа, рече Шакири. По ова нему му беше дадена значка со македонското знаме, која тој ја стави до значката со албанското знаме.

Поврзани содржини