ЗЛОУПОТРЕБА ВО ГОСТИВАР, ЗА БЕКАТОНИРАЊЕ ПЛАТЕНИ 500.000 ЕВРА! Невзат Бејта открива колку од тие пари се проневерени
Поплочување со бекатон плочки во мое време чинеше 13 евра за „метар квадратен“, сега со зголемувањето на пазарните цени чини 15 евра, вели Бејта.
Кандидатот за градоначалник на Гостивар од Вреди, Невзат Бејта, на денешната прес-конференција го обвини раководството на претходната локална самоуправа за злоупотреба на 450 илјади евра колку се потрошени за јавни набавки.
Според него, тендерот за поплочување со бекатон плочки, вреден 500 илјади евра и таа работа, како што рече не вреди повеќе од 50 илјади евра. Дополнително компанијата која ги изведувала работите не е од Гостивар.
– Ваквото наддавање на цените била вообичаена практика во изминатите осум години. Поплочување со бекатон плочки во мое време чинеше 13 евра за „метар квадратен“, сега со зголемувањето на пазарните цени чини 15 евра. Овие граделе по цена за квадратен метар од 450-500 евра. Според моите информации, работа која е вредна приближно 50 илјади евра, ја наплатиле 450 илјади евра, рече кандидатот за градоначалник, Невзат Бејта.
Тој како кандидат на коалицијата Вреди, претходно на конвенција упати критики кон досегашното општинско раководство и зборуваше за проекти коишто се наоѓаат во неговата изборна програма. Бејта смета дека сопартијците на Таравари кои раководеле со градот го осиромашиле, а граѓаните револтирани од таквото раководење со општината.
– Во овие осум години тој го уништи и го осиромаши буџетот на Гостивар. Ја уништи инфраструктурата и имаме улици и патишта полни со дупки. Чистотата во градот на најниско можно ниво. Ги уништија културата, спортот и образованието, рече Бејта на конвенцијата.
Бејта најави дека меѓу првите проекти кои ќе ги реализира во новиот мандат се мост со четири ленти и проширување на булеварот „Браќа Ѓиноски“ од крстосницата со „дебарска улица“ до Основниот суд.