ЗЛОНАМЕРНИ СЕ ОБВИНУВАЊАТА ДЕКА ЉУТКОВ ПОСТАВИЛ ШОФЕР ЗА СЛУЖБЕНИК Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на обвинувањата на СДСМ
Именување на претседател на УО на Македонската Опера и Балет е лице кое е вработено во МКТ, но не е кабинетски службеник на министерот за култура и туризам, туку е професионалец кој работи во МКТ 15 години. Да не се навраќаме на потрошените буџетски средства на претходната ваша министерка и на вашите директори кои во исто време беа и директори и селектори и членови на комисии во Министерството за култура, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Злонамерни и лажни се и обвинувањата на СДСМ за повластување на „шоферот на министерот“ за кабинетски службеник, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на обвинувањата на СДСМ велејќи дека возач на министерот е лице определено од Службата за општи и заеднички работи и не е кабинетски службеник.
„Именување на претседател на УО на Македонската Опера и Балет е лице кое е вработено во МКТ, но не е кабинетски службеник на министерот за култура и туризам, туку е професионалец кој работи во МКТ 15 години. Да не се навраќаме на потрошените буџетски средства на претходната ваша министерка и на вашите директори кои во исто време беа и директори и селектори и членови на комисии во Министерството за култура.
Сите овие обвинувања се само конструкции и злонамерен обид да се прикријат седумте катастрофални години на владеење на СДСМ, особено душманскиот однос кон македонската култура. Ако е и од СДСМ партијата која брусеше шахти, го продаде македонскиот идентитет и безочно го понижуваше македонскиот граѓанин на сметка на туѓи интереси – премногу е!
На актерката Катерина Илиевска ѝ посакуваме својот талент на интерпретација да го насочи кон театарските сцени, а од СДСМ очекуваме јавно извинување за искажаните небулози и дезинформации. Доколку тоа не се случи, Министерството ќе ги преземе сите правни мерки за заштита на својот углед и на угледот на своите претставници.
Во интерес на јавноста најостро реагираме на целосно шпекулативните информации и невистинити тврдења дека министерот Љутков потрошил над 50.000 евра за патувања. Потенцираме, потрошените средства за Јапонија кои се споменуваат изнесуваат точно 3.485.080 денари и не се искористени за бројна делегација од МКТ како што СДСМ сакаат да прикажат туку наменети се исклучиво за патните трошоци, билети, сместување и дневници за уметниците од НУ Ансамбл Танец!
Сите службени патувања на министерот Љутков и вработените во МКТ се реализирани со јасна културна и дипломатска агенда. Секој трошок е транспарентно објавен и достапен за јавноста. Обидите да се проблематизираат службено оправданите патувања, се класичен пример на сензационализам и манипулација. Сакаме да потенцираме дека патувањето во Јапонија, кое тенденциозно се споменува, е дел од официјална програма за меѓународна културна презентација на државата и е во духот на историскиот Договор за соработка кој беше потпишан минатата година со оваа држава. Единствен критериум при изборот на програмата за Експо Осака е квалитетот!
Овој пат наместо препарираниот рис и орел кои беа едни од главните содржини на Експо Дубаи 2021 кога тие владееја , пред јапонската и светската јавност ги нудиме нашите амбасадори, Танец, Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Владимир Василевски-Четкар! Наместо да го поздравиме видливото присуство на нашата држава на овој настан, СДСМ најбезочно ги омаловажува уметниците, и ја извртува вистината.
СДСМ била и е партија која секогаш ги омаловажува уметниците и не може да се помири во евидентната разлика на работа, посветеност во културата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.