ЗЛАТОТО Ѝ СЕ ОТКАЧИ, ЕВЕ ЗОШТО ГО ВРАТИ Некој штедел на медалите за Олимпијадата?
Медалот на Алиса Лиу се одвои од прицврстувачот во екот на прославата, па според олимпискиот протокол мораше да биде вратен на проверка. Скијачката Бризи Џонсон доживеала ист проблем по победата во спуст. Организаторите признаа дека се свесни за проблемот.
Еуфоријата траеше кратко. Златниот медал на Алиса Лиу се одвои од лентата само неколку моменти по прославата на тимската победа на 8 февруари на Зимските олимписки игри 2026.
Американската уметничка лизгачка објасни дека медалот паднал додека скокала од радост.
– Само скокав горе-долу и едноставно падна. Буквално падна од лентата. Беше многу изгребан, прилично вдлабнат – изјави Лиу за медиумот „Overtime“.
Зошто мораше да го врати? Иако ѝ се допаднало кога медалот бил одвоен од лентата, правилата не ѝ дозволиле да го задржи во таа состојба.
– Всушност ми се допадна кога беше надвор од лентата, но тоа не е дозволено. Морав да се откажам – рече 20-годишната лизгачка.
Според протоколот на организацискиот комитет, оштетените медали мора да се вратат за инспекција и замена или поправка. Спортистите не смеат да задржат официјален медал во неоригинална или оштетена состојба.
Лиу не е единствената. Скијачката Бризи Џонсон доживеала ист проблем по победата во спуст.
– Не скокајте со нив. Скокав од возбуда и се скрши – изјави таа пред новинарите.
И германскиот биатлонец Јустус Стрелоу објави видео како неговиот бронзен медал паѓа за време на прославата.
Главниот оперативен директор на Игрите во Милано-Кортина 2026, Андреа Франциси, призна дека организаторите се свесни за проблемот.
– Ќе обрнеме посебно внимание на медалите. Ова е еден од најважните моменти за спортистите – изјави Франциси.