„ЗЛАТНА КАРТА“ ЗА 1 МИЛИОН, А „ПЛАТИНИУМСКА“ ЗА 5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ Трамп одлучи да ги отвори вратите за богатите
Новите „Gold“ и „Platinum“ картички овозможуваат забрзан престој, даночни привилегии и директен пат до државјанство, но само за оние што ќе платат милионски суми.
Американската влада денеска официјално ја претстави новата ексклузивна имиграциска програма „Trump Gold Card“, која овозможува забрзан пат до државјанство за квалификуваните и безбедносно проверени лица. Претседателот Доналд Трамп ја најави програмата на неговата платформа „Truth Social“, истакнувајќи дека страницата за аплицирање се отвора веднаш.
Според информациите објавени на официјалната владина страница, апликантите ќе мора да уплатат 1 милион долари по безбедносна проверка од Министерството за домашна безбедност, по што ќе добијат право на брз престој и понатаму пат кон државјанство.
Покрај „Trump Gold Card“, администрацијата ја претстави и уште поелитната „Trump Platinum Card“, наменета за најбогатите апликанти. Со уплата од 5 милиони долари, странските државјани добиваат можност да престојуваат до 270 дена годишно во САД без обврска за плаќање данок на приход остварен надвор од земјата.
Новите програми се сметаат за наследници на досегашниот ЕБ-5 систем, кој им овозможуваше на странските инвеститори да добијат престој преку вложувања во американската економија. Министерот за трговија Хауард Лутник претходно изјави дека програмата ЕБ-5 била подложна на злоупотреби и претставувала „премногу евтин пат до зелена карта“.
Претседателот Трамп уште во февруари најави дека „златните карти“ ќе привлечат богати и влијателни инвеститори кои ќе „трошат, ќе плаќаат даноци и ќе вработуваат Американци“.
Тој дури остави отворена можност и поединци од Русија, вклучително и оние под санкции, да можат да аплицираат доколку ги исполнуваат условите.