ЗИМСКИ УСЛОВИ НА СИТЕ ПАТИШТА Возете внимателно, апелираат од „Македонијапат“
Слаби врнежи од снег има на Попова Шапка и во неколку градови, а надлежните апелираат на внимателно возење поради можни одрони.
Сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, информира ЈП „Македонијапат“ во својот последен извештај.
Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец кон Попова Шапка, додека во Македонски Брод, Крушево и Ресен има слаби врнежи од снег измешан со дожд. И покрај временските услови, сите патни правци во државата се проодни.
Од „Македонијапат“ предупредуваат дека на одредени делници, особено на патиштата кои минуваат низ усеци и клисури, можна е појава на поситни одрони, поради што се апелира на зголемена внимателност кај возачите.
Јавното претпријатие апелира до сите учесници во сообраќајот да управуваат внимателно со возилата, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и брзината на движење да ја прилагодат на условите на патот.
„Дежурните екипи на ЈП ‘Македонијапат’ се постојано на терен и интензивно работат на одржување на сите патни правци проодни“, информираат од претпријатието.
За подетални информации, граѓаните можат да се јават на дежурниот телефон 02/2561-502. Извештајот е објавен од Диспечерскиот центар на ЈП „Македонијапат“ во 20:30 часот.