Зибери: Во Владата на ДУИ министрите ќе депонираат оставки кога ќе бидат избрани

391

Кандидатот на ДУИ за прв премиер Албанец, Насер Зибери, денеска на прес-конференција ги презентираше принципите по кои би функционирала Владата на ДУИ. Зибери посочи на транспарентност во управувањето, одговорност, ефикасност и професионалност како клучни принципи по кои ќе се раководи во неговиот премиерски мандат.

– Ние мора да го напуштиме клишето на досегашното управување со Владата на затворени седници. Транспарентноста е основниот елемент и принципот на секоја демократија, затоа во новиот мандат ќе се заложам седниците на Владата во иднина да бидат јавно достапни, така што јавноста ќе може директно да ги следи. Содржината на владините седници не треба да биде предмет на разни гласини, толкувања и меѓусебни несогласувања. Дебатите и одлуките на Владата треба да бидат достапни за јавноста, за граѓаните да бидат информирани за сите круцијални теми – истакна Зибери, посочувајќи дека овој принцип ќе се имплементира неделно, како што се организирани и редовните седници на Владата.






На седници ќе се кани и најистакнатиот експерт од одредена областа кога темата ќе биде основни реформи за прашања од економскиот развој, образованието, социјалната помош и други специфични сегменти од општествено значење, затоа што е неопходно пред донесувањето на одлуките да се слушне гласот на експертите и на луѓето од науката.

Според него, одговорноста треба да биде основен принцип на функционирање на која
било Влада и затоа ќе побара уште на самиот ден кога ќе бидат назначени новите министри и заменици-министри, да му достават изјава за оставка, за во моментот кога премиерот ќе процени дека е потребно да се направат измени и освежувања во неговиот кабинет, тоа веднаш да се спроведе.

Тој укажа на мерката со која секој министер ќе биде предмет на верификација на спроведувањето на владините политики на секои два месеца, со што ќе се создаде можност за оценка на носителот на јавната фунцкија од аспект на неговата инвентивност, успешност и активност.

– Доколку одреден министер не ги исполни критериумите и стандардите што ќе ги поставам во тој момент, ќе ја активирам однапред доставената оставка – истакна Зибери.

Зибери најави дека при формирањето на идната Влада ќе ги замоли партнерите на коалицијата, 20 проценти од позициите кои ќе ги предложат, без разлика дали се во ранг на министри, заменици-министри или директори на државни институции, да бидат од дијаспората, или, пак, еминентни претставници со докажано искуство од бизнисот.

– За среќа, имаме албански, македонски и други граѓани кои се докажани на меѓународниот пазар, а на Северна Македонија ѝ е потребно ова искуство. Верувам дека влада изградена врз основа на овие темели и врз овие принципи може да биде многу поефикасна, може да биде многу поуспешна, може да биде многу потранспарентна и, пред сè, одговорна – истакна Насер Зибери, кандидат на ДУИ за премиер.

Поврзани содржини