Кандидатот за премиер од редовите на ДУИ, Насер Зибери, денеска имаше неколку средби со жителите на Тетово. Тој во центарот на градот се сретна со новинарите од каде ја испрати пораката дека 15 јули, иако како секој изборен циклус е важен за земјата, има одредена специфичност.
– Тоа е дека за прв пат во земјата покрај двете перманентни структури и алтернативи се наметнува една трета опција која се обидува да го скрши црно-белиот свет кој досега им се нудеше на граѓаните. Затоа ми беше неразбирлива острината со која се спротиставија на идејата дека може да им се понуди на граѓаните можен кандидат за премиер Албанец – рече тој.
Зибери рече дека од Тетово праќа порака за дијалог кон политичките противници.
– Да седнеме пред јавноста да ги аргументираме нивните аргументи со кои се спротиставуваат на оваа идеј . Да седнеме пред јавноста и да ги убедиме граѓаните со своите сугестии, алтернативи и визии како сакаме да ја градиме оваа земја во иднина. Јас не сакам и нема да бидам премиер само на Албанците. Јас претендирам да бидам раководител на идната Влада која ќе придонесе оваа земја да ја направиме поперспективна, поевропска, земја во која секој ќе се чувствува комотен како во својата куќа – истакна Зибери.