ЗИЈАДИН СЕЛА ЌЕ ПОДНЕСЕ ОСТАВКА ОД АА? За него и за Таравари партијата ќе одлучува на 25 декември
Кој и да победи, ќе му честитаме и ќе го поддржиме, а ние ќе продолжиме со работа, вели неговиот сопартиец Арбен Таравари за претстојното Централно собрание на Алијанса за Албанците кое ќе се одржи на 25-ти месецов.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ќе ја понуди својата оставка на 25 декември, кога ќе се одржи идното Централно собрание на партијата. Според „Слободен печат“ познато е и дека Арбен Таравари веќе нема да биде генерален секретар, а ќе се бара одговорност од сите партиски структури.
– Господин Села е принципиелен. И во 2020 година, по парламентарните избори, на партиските структури им понуди оставка, но не беше прифатена. И овој пат мислам дека ќе го направи истото, но не се знае дали ќе биде прифатена – вели анонимен извор за „Слободен печат“.
Партискиот секретар Таравари смета дека Села треба да продолжи како лидер на АА, но додава дека Конгресот е отворен и секој може да се кандидира за претседател.
– Кој и да победи, ќе му честитаме и ќе го поддржиме, а ние ќе продолжиме со работа – вели тој.
Арбен Таравари не крие дека веќе нема да биде секретар.
– Лично сметам дека за генерален секретар на партијата треба да се избере нов кадар, кој има повеќе време. Сигурно повеќе нема да бидам секретар на Алијанса за Албанците, ова е мојата конечна одлука што не може да се смени – рече Таравари.
Во меѓувреме, сите ограноци на партијата одржуваат собири на кои се анализираат резултатите од локалните избори, а сите извештаи се испраќаат до Централното собрание.
– Фракциите во ограноците ни донесоа лоши резултати во некои општини. Затоа ќе се разговара на Собранието. Сите опции се отворени, не бегаме од ништо – велат од АА.