ЖУРКА НА ЛАЖНИТЕ СЕРТИФИКАТИ Граѓаните го мамат системот, а огромни казни лапаат угостителите

Пред една недела имавме гости кои уредно ги покажаа сертификатите. Но подоцна кога дојдоа инспекторите, тие на нив им одговорија дека не поседуваат ковид-сертификати. Тогаш ние добивме казна. Инспекторите не сакаа да ги погледнат видео снимките, на кои може да се види како гостите на обезбедувањето им го покажуваат сертификатот, соопштија за Плусинфо од еден угостителски објект.

20,620

Граѓаните на секој можен начин се обидуваат да ги заобиколат мерките донесени од Владата за заштита од ковид-19, особено при користењето на ковид-сертификати во затворени објекти. Се претпоставува дека сè повеќе граѓани користат лажни сертификати при посетата на рестораните, кафулињата, обложувалниците, моловите.

Со оглед на тоа дека ковид-сертификатите се издаваат на лица со две дози на вакцина, како и на оние кои ја имаат прележано инфекцијата во последните 45 дена, а бројот на вакцинирано возрасно население застана некаде околу 40 проценти, користењето на лажни сертификати зема сериозен замав кај нас. Тоа особено претставува сериозен проблем за затворените објекти, затоа што редарските служби, немаат никакво право да ги легитимираат лицата кои сакаат да влезат во објектот, единствено што можат да направат е да го имаат на увид ковид-сертификатот.






– Пред една недела имавме гости кои уредно ги покажаа сертификатите. Но подоцна кога дојдоа инспекторите, тие на нив им одговорија дека не поседуваат ковид-сертификати. Тогаш ние добивме казна. Инспекторите не сакаа да ги погледнат видео снимките, на кои може да се види како гостите на обезбедувањето им го покажуваат сертификатот – соопштија за Плусинфо од еден угостителски објект.

Оттаму додаваат дека немаат никаква законска основа да ги легитимираат гостите и да проверат дали сертификатот е на нивно име, а сметаат дека гостите доколку дојде некој да ги контролира „полесно“ им е да кажат дека немаат сертификат, притоа криејќи дека имаат лажен, затоа што за едното дело казната е 250 евра, а доколку ја платат за 7 дена, сумата изнесува 125 евра, додека ако бидат фатени дека користат лажен сертификат тогаш станува збор за кривично дело и паричната казна е значително поголема, дури може и да се добие казна затвор до три години. Казната за угостителскиот објект се движи од 2.500 евра до 30.000 евра, во зависност од големината на објектот, плус 1.500 евра за одговорното лице.

Овој проблем за Плусинфо го потврди и претседателот на Независната угостителска комора, Здравко Јосифовски кој вели дека уште од почетокот на воведувањето на оваа мерка тие повеќе пати имаат укажувано на дека тса е апсурдна и дека ќе имаат големи проблеми.

– Ние едноставно не можеме да извршиме увид дали гостинот има или нема валиден ковид-сертификат, а доколку нема при контрола одговара угостителот. Како што знаете доколку гостинот каже дека има лажен сертификат, тогаш тој ќе одговара кривично, па вака им е полесно, кажуваат дека немаат и може да платат казна од 250 евра или 125 доколку е платена за седум дена, па вината ја префрлаат на угостителот кој ќе го казнат 2.000 евра и плус ќе биде затворен поради непочитување на законот. Ние сме беспомошни, немаме никаков основ да докажеме дека лицето кое влегло во објектот има покажано сертификат, без разлика дали е вистински или лажен – вели претседателот Јосифовски.

Тој истакнува дека во денешно време многу лесно е да се направи лажен ковид-сертификат и тој да се користи за влез во затворените објекти, но потенцира дека ним рацете им се врзани, затоа што немаат никаква можност да проверат дали сертификатот е валиден или не.

– Покрај тоа што долго време бевме затворени поради карантинот и забраните за работа, откако ни дозволија да отвориме, државата еве во овој сегмент не помогна да можеме да вршиме соодветна идентификација, ниту со апликација, ниту со ништо, сѐ е сведено на препорака, но вие законски не смеете никому да му побарате личен документ и потоа ние страдаме, ние сме казнувани и затворани. Се надеваме дека наскоро овие ковид-сертификати ќе бидат укинати и дека ќе можеме слободно да работиме – додава претседателот на НУК.

Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо велат дека согласно своите овластувања и надлежности полициските организациони единици при МВР во целост постапуваат согласно одредбите од Законот за заштита на населението од заразни болести и Одлуките кои ги носи Владата на РСМ а се однесуваат на спречување на ширење на ковид-19.

– Како што е познато, по однос на контролата на лицата во угостителските објекти, сопствениците на објектите треба да ангажираат редарска служба, односно редари вработени во лиценцираните агенции за обезбедување кои имаат овластување за легитимирање, а доколку вработените се посомневаат во можна злоупотреба на сертификатот можат да повикаат инспектори, кои во содејство со полициски службеници ќе извршат контрола на самото место. Напоменуваме дека полицијата на барање на Државниот пазарен инспекторат врши поддршка при спроведување на таквите контроли во угостителските објекти коишто се во законска надлежност на ДПИ – велат од МВР.

Оттаму додаваат дека заклучно со 31.12. 2021 во полициски асистенции заедно со ДПИ затекнати се осум лица со фалсификувани сертификати (едно во Тетово и во Охрид по три во Скопје и во Битола), како и 11 лица без сертификат (осум во Тетово и тројца во Охрид). Покрај ова, од страна на граничните полициски служби во текот на минатата година биле откриени 14 сторители, односно лица кои приложиле фалсификувани сертификати на граничните премини (ГП Горно Блаце, ГП Блато, ГП Табановце и ГП Деве Баир). Согласно Кривичниот закон, како и нормите одредени преку уредбите на Владата на РСМ, од страна на полицијата најчесто во ваквите случаи се поднесуваат соодветни пријави за „фалсификување исправа“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Поврзани содржини