ЖРТВИТЕ НА СЕКСУЛАЛНОТ ПРЕСТАПНИК ЕПСТИН ЌЕ ДОБИЈАТ МИЛИОНИ ДОЛАРИ ОТШТЕТА Моден агент запознавал малолетнички со педофилот и го молел да има секс со нив
Од друга страна, група преживеани жртви на Џефри Епстин поднесоа колективна тужба против американското Министерство за правда и против Гугл поради објавување документи кои го откриваат идентитетот на жртвите во досиејата поврзани со починатиот осуден сексуален предатор.
Американскиот агент во модната индустрија Ремзи Елколи запознавал жени помлади од 18 години со осудениот сексуален престапник Џефри Епстин и го молел да има секс со една од манекенките што ги познава, пренесоа денеска американските медиуми, повикувајќи се на содржина во откриени мејлови.
Елколи му испратил на Епстин стотици мејлови во период од околу 10 години, дискутирајќи за женските тела и за нивните ставови кон сексот и предлагал тој и Епстин да инвестираат во модната индустрија во Бразил, со цел да запознаат поголем број жени.
Во една размена на пораки од 2011 година, Елколи опишал жена во дваесеттите години како личност која е „очајно желна за пари“ и му порачал на Епстин – „драг Џефри, те молам само испробај ја во кревет“.
Елколи за Би-Би-Си изјавил дека жали за она што го пишувал во некои мејлови и за својата поврзаност со Епстин, бидејќи наводно не бил свесен дека сексуалниот престапник злоставувал жени.
Документите кои неодамна ги објави американското Министерство за правда сугерираат дека Елколи писмено комуницирал со Епстин најмалку од 2009 година, непосредно до пред смртта на осудениот педофил во 2019 година, а поголемиот дел од преписката се однесувал на врбување на женски модели.
Од друга страна, група преживеани жртви на Џефри Епстин поднесоа колективна тужба против американското Министерство за правда и против Гугл поради објавување документи кои го откриваат идентитетот на жртвите во досиејата поврзани со починатиот осуден сексуален престапник.
Во тужбата, поднесена вчера пред федералниот суд на Северниот округ на Калифорнија, се наведува дека документите што Министерството ги објави кон крајот на 2025 и почетокот на 2026 година „го откриле идентитетот на приближно 100 преживеани“ и ги објавиле „нивните приватни информации, изложувајќи ги пред светот“.
Тужбата е поднесена повеќе од еден месец откако адвокатите кои ги застапуваат преживеаните жртви на Епстин испратија писмо до Министерството, барајќи отстранување на милиони документи поврзани со Епстин поради присуство на податоци за жртвите, напоменувајќи илјадници грешки во цензурата.
Министерството за правда тогаш одговори дека ги отстранило сите документи означени како проблематични и дека „Министерството продолжува да ги обработува новите барања и самостојно ги пребарува документите за да ги идентификува сите кои можеби бараат дополнителна цензура“.
Во тужбата се тврди дека дури и откако владата го признала објавувањето и ги отстранила документите, „онлајн ентитетите како Гугл континуирано повторно ги објавуваат, одбивајќи ги молбите на жртвите да ги отстранат“.
„Преживеаните сега повторно поминуваат низ траума. Странци ги повикуваат, им испраќаат е-пошта, се закануваат на нивната физичка безбедност и ги обвинуваат дека се во заговор со Епстин, иако тие во реалноста се негови жртви“, се наведува во тужбата.
Понатаму се тврди дека Гугл може да отстрани или деиндексира одредена содржина од пребарувањата и кешираните копии, но одбива да ги користи таквите алатки, покажувајќи непромисленост и очигледно непочитување на добросостојбата на преживеаните.
Министерството е обврзано да ги објавува документите поврзани со Епстин и да ги цензурира имињата и приватните податоци на жртвите во согласност со Законот за транспарентност на документите за Епстин од 2025 година, но во тужбата се тврди дека Министерството не осигурало приватните податоци да бидат правилно цензурирани под притисок да дејствува брзо.
Портпаролот на Министерството за правда претходно изјави дека тие „многу сериозно ја сфаќаат заштитата на жртвите“ и дека цензурирале илјадници имиња со помош на 500 рецензенти. Тој истакна дека досега само 0,1 отсто од објавените страници имале нецензурирани информации.
Во врска со Епстин, „Банката на Америка“ се согласи да плати 72,5 милиони долари за спогодба во граѓанската тужба поднесена од жени кои ја обвинија банката дека овозможила сексуално злоставување од страна на Џефри Епстин, покажуваат судските документи објавени вчера.
Адвокатите на банката и на жените овој месец го известија американскиот окружен судија Џед Ракоф од Менхетен дека постигнале „начелен договор за спогодба“, но тогаш условите на договорот не беа објавени.
„Иако остануваме на претходните изјави дадени во поднесоците во оваа постапка, вклучувајќи го и тврдењето дека Банка на Америка не овозможувала кривични дела поврзани со сексуална трговија со луѓе, ова решение ни овозможува да го оставиме ова прашање зад нас и им обезбедува конечна завршница на ова поглавје за тужителките“, рече портпаролот на „Банка на Америка“ во соопштение.
Во заедничкиот поднесок до судот, Дејвид Боис и Бредли Едвардс, адвокатите на тужителките, наведоа дека спогодбата претставува најдобра опција за нивните клиентки, „со оглед на тоа што многу членки на групата претрпеле штета пред многу години и дека сега им е потребна финансиска помош“.
Адвокатите на тужителките би можеле да побараат до 30 отсто од износот на спогодбата, односно околу 21,8 милиони долари на име адвокатски трошоци, според судските документи. Спогодбата чека одобрение од судијата Ракоф, кој закажа рочиште за четврток за да го разгледа договорот.
Предложената колективна тужба, поднесена во октомври од страна на жена која го користи псевдонимот Џејн Доу, ја обвинува втората по големина американска банка дека ги игнорирала сомнителните финансиски трансакции поврзани со Епстин, и покрај „изобилството“ информации за неговите злосторства, бидејќи профитот ѝ бил поважен од заштитата на жртвите.
„Банка на Америка“ соопшти дека Џејн Доу само тврдела дека банката им давала рутински услуги на луѓе кои во тоа време немале познати врски со Епстин и дека секоја сугестија за подлабока вмешаност е „неоснована“.
Ракоф во јануари пресуди дека „Банка на Америка“ мора да се соочи со тврдењата на Џејн Доу дека свесно профитирала од сексуалната трговија со луѓе на Епстин и дека го попречувала спроведувањето на федералниот Закон за заштита на жртвите од трговија со луѓе. Меѓу трансакциите на кои укажа Џејн Доу беа и уплатите на Епстин извршени од милијардерот Леон Блек, коосновач на компанијата „Аполо Глобал Менаџмент“.
Блек се повлече од позицијата извршен директор на „Аполо“ во 2021 година, откако ревизија спроведена од надворешна адвокатска канцеларија утврди дека на Епстин му платил 158 милиони долари за даночно и имотно планирање. Блек ги негираше сите противправни дејствија и изјави дека не бил свесен за криминалната активност на Епстин.
Адвокатите на Џејн Доу ги тужеа и другите наводни помагачи во сексуалната трговија на Епстин, а во 2023 година постигнаа спогодби од 290 милиони долари со „Џеј Пи Морган Чејс“ и од 75 милиони долари со „Дојче банка“ во име на неговите обвинителки.
Во межувреме, американскиот демократски конгресмен Сухас Субрамањам испрати официјално писмо до поранешната британска војвотка од Јорк Сара Фергусон, во кое ја поканува да сведочи под заклетва пред комитет на американскиот Конгрес, за „блиски лични и деловни врски“ со сексуалниот престапник Џефри Епстин.
Субрамањам, исто така, ја замолува Сара Фергусон да сведочи за какво било знаење што го има за вмешаноста на нејзиниот поранешен сопруг Ендру Маунтбатен Виндзор во операциите на Епстин, според писмото во кое имал увид Би-Би-Си.
Како што е наведено, писмото на конгресменот претставува најдиректен притисок врз поранешната војвотка да сведочи од почетокот на скандалот со Епстин. Иако не постои правен механизам со кој таа би била принудена да сведочи во САД, Субрамањам претходно изјави дека конгресмените се подготвени да „преговараат за услови што ѝ одговараат“, а на повиците им се придружи и демократската конгресменка Мелани Стенсбери, која апелираше до секој што има информации за злоупотребите на Епстин да соработува со цел да се обезбеди правда за жртвите.
Сара Фергусон се споменува во некои од големиот број документи објавени од Министерството за правда на САД за случајот Епстин. Според документите, таа наводно му рекла на Епстин дека е „многу трауматизирана и осамена“, додека во 2009 година го опишала како „братот што отсекогаш го сакала“. Електронската преписка, исто така, сугерира дека таа го контактирала додека бил во затвор поради подведување малолетничка и дека по ослободувањето на Епстин од затвор, таа и нејзините ќерки ручале со него во Мајами.